ОПШТИНА ТЕТОВО ПО 10 ГОДИНИ КОНЕЧНО ГИ ЗАШТИТИ ИЗВОРИТЕ НА ПОПОВА ШАПКА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ПО 10 ГОДИНИ КОНЕЧНО ГИ ЗАШТИТИ ИЗВОРИТЕ НА ПОПОВА ШАПКАТетово со вода за пиење се снабдува од три изворишта на Шар Планина, од Улуверичките извори, од Вакуф и од оние на Попова Шапка кои се и најголеми и обезбедуваат околу 80 отсто од водата што доаѓа во градскиот водовод (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Тетово на својата последна седница донесе одлука за определување на заштитна зона околу изворите на вода за пиење на Попова Шапка. Оваа одлука е донесена по десет години откако е донесен Законот за води и по цели две години откако на Попова Шапка се случи хаваријата кога, поради нестручни градежни работи беше оштетен еден од главните извори со кои Тетово се снабдува со вода за пиење, а водата во градскиот водовод неколку денови беше заматена.

    Тетово со вода за пиење се снабдува од три изворишта на Шар Планина, од Улуверичките извори, од Вакуф и од оние на Попова Шапка кои се и најголеми и обезбедуваат околу 80 отсто од водата што доаѓа во градскиот водовод.

    Но, и покрај тоа што изворите се исклучително важни за градот, досега околу нив немаше одредено и изградено заштитни зони како што наложуваат прописите според Законот за води.

    „Овие извори на Попова Шапка досега беа незаштитени бидејќи се наоѓаат на самите скијачки терени и секое нивно оградување ќе значеше препрека за многубројните скијачи. Но, сега мора да ги почитуваме законските обврски и овие, за нас мошне значајни извори на вода за пиење, соодветно да ги заштитиме за да не се случат хаварии како онаа од пред две години“, вели Борче Бојовски, раководител на единицата Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

    Но, заштитата на изворите на Шар Планина не оди така лесно. Изворите на Вакуф и Уливеричките извори, кои се наоѓаат неколку километри подалеку од Попова Шапка, порано биле соодветно заштитени, но, сега и тие се без заштита.

    „Кај овие извори најмногу проблеми имаме со овчарите, но и други несовесни граѓани кои ги крадат заштитните мрежи околу изворите. Неколку пати сме ги оградувале овие извори но, залудно“ вели Бојовски.
    Со одлуката која ја донесе Советот на Општина Тетово првин ќе треба да се распише конкурс за изработка на елаборат за определување на заштитни зони околу изворите. Со оглед на тоа дека се работи за исклучително стручна работа елаборатот може да го прави само лиценцирана фирма а единствена таква кај нас е Институт за јавно здравје при Министерството за здравство.

    Бојовски очекува целата оваа работа изготвувањето на елаборатот и изградбата на заштитните огради да заврши пред да падне првиот снег на Попова Шапка.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари