ОПШТИНА ЦЕНТАР ВТОРПАТ ГО ПОНИШТИ ОДОБРЕНИЕТО ЗА ИЗГРАДБА НА ШПАНСКИ СКАЛИ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ВТОРПАТ ГО ПОНИШТИ ОДОБРЕНИЕТО ЗА ИЗГРАДБА НА ШПАНСКИ СКАЛИ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈАПросторот кој во 2013 година тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го продаде на албанската фирма „Амадеус груп“ за да градат зграда, сега е уреден со зеленило. (Фото: Фејсбук)

    Општина Центар по втор пат го пониши одобрението за изградба на деловниот објект со таканаречените Шпански скали на Плоштад Македонија. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека фирмата сопственик на парцелата „Амадеус груп“ се жалела на претходната одлука на Општината за поништување на одбрението за градба, при што Управниот суд донел одлука, Општина Центар повторно да одлучи по предметот.

    „Како и првиот пат и сега е донесено решение за поништување на одобрението за градење на таканаречените Шпански скали, кои беа дел од фамозниот проект ‘Скопје 2014‘, бидејќи инвеститорот не почнал да гради во предвидениот рок. Борбата за зачувување на секој сантиметар од слободниот простор продолжува со секоја наша наредна активност“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Парцелата од 1.046 квадратни метри власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година ја продаде на фирмата од Албанија  „Амадеус груп“ за 1,5 милиони евра, да гради зграда. Град Скопје во рамките на реконструкцијата на плочникот пред Градскиот трговски центар и Портата не можеше да го поплочи и овој дел бидејќи е приватен имот, па посади трева.

    За продажбата на државното земјиште за изградба на таканаречените Шпанските скали, Обвинителството за организиран криминал и корупција во декември лани поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени. Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје за таканаречените Шпански скали, проект кој требаше да биде дел од „Скопје 2014“. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа. Во обвинението се вели дека со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 2,6 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира