Општина Центар треба да плати 2 милиона евра обесштетување на фирмата од која го изгуби судскиот спор за катната гаража кај поранешна „Нова Македонија“ во Скопје. Договорот за изградба на оваа катна гаража беше раскинат во 2014, во мандат на ексградоначалникот Андреј Жерновски. Тогаш, Жерновски кажа дека не е потребно изградба на катна гаража туку парите ќе се пренаменат за изградба на основното училиште „Киро Глигоров“.
По ова, инвеститорот „Пелагонија АД Гостивар“ ја тужеше Општината и по повеќе од 10 години судски спор, стигнато е до Општината извршно решение за наплата на парите. Основниот долг е 72.800.000 денари (1,1 милион евра), но со камати сумата која треба да се исплати е дуплирана.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, од сметката на Општината веќе се повлечени пари односно таа е испразнета.
Поради тоа, вчера на седница на Советот на Општина Центар на дневен ред беше точка за ребаланс на буџетот и беше одлучено тој да се зголеми за 72.800.000 денари (1, 17 милиони евра).
„Револтиран сум што после маратонските судски процеси, сето ова заврши на штета на центарци. Тековните проекти што ги спроведува Општината не смеат да бидат запрени ниту смее да има застој во работата и услугите што ги даваме на граѓаните. Нема да дозволам сметката на Општината да биде блокирана. Мораме до крај да ги спроведеме започнатите проекти како градинката во Пролет, модернизацијата на уличното осветлување, доградбата на училиштето ‘Коле Неделковски’, реконструкцијата на улиците“, кажа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
А. АНТЕВСКА