ОПШТИНА ВЕЛЕС НЕ СЕ СОГЛАСУВА СО ИЗГРАДБА НА ЦЕМЕНТАРНИЦА ВО КРУГОТ НА ФАБРИКА ЗА ВАР СРЕДЕ ГРАД

    ОПШТИНА ВЕЛЕС НЕ СЕ СОГЛАСУВА СО ИЗГРАДБА НА ЦЕМЕНТАРНИЦА ВО КРУГОТ НА ФАБРИКА ЗА ВАР СРЕДЕ ГРАДОпштината смета дека изградбата на цементарницата среде населено место ќе го загрози здравјето на жителите. (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес е против продолжување на постапката за изградба на цементарница во приградската населба Превалец, со барање да се предложи друга локација која ќе биде соодветна и безбедна за животната средина и здравјето на луѓето. Ова е одговорот од локалната власт до Министерството за животна средина, а по најавата за изградба на цементарница во кругот на каменоломот и фабриката за вар во населбата Превалец.

    „Сметаме дека локацијата на инсталацијата не ги дозволува предложените активности затоа што цементарниците припаѓаат на класа на намена Тешка градежна индустрија и производство на неметали. Населбата Превалец не е дел од Генералниот урбанистички план (ГУП) на град Велес и моментално населбата не е покриена со важечка урбанистичка планска документација. Во отсуство на планска документација за предметната локација, добивањето на Одобрение за градење е невозможно. Инвеститорот пред да ја купи инсталацијата требало да се консултира со Општина Велес, но тој побара средба откако ја купил фабриката“ изјави градоначалникот Аце Коцевски.

    Тој одржал средба со новиот сопственик на инсталацијата, кој изјавил дека во моментот се води постапка на пренесување на сопственоста. На средбата била претставена намерата за нова инвестиција – цементарница која треба да се изгради во кругот на каменолом во населба Превалец, инвестиција од 300 илјади долари и вработување на 300 лица.

    „Во известувањето за намера треба задолжително да биде наведен и предложениот капацитет или големина на проектот, кој отсуствува, а е клучен при определување на обемот на оцена на влијанието врз животната средина. Во известувањето не е наведено дали се предвидени алтернативни локации кои би биле земени во предвид, доколку оваа локација се покаже како несоодветна за изградба на цементарница“, пишува во мислењето на Општина Велес испратено до Министерството за животна средина.

    Од локалната власт предупредуваат дека во производниот процес на цементарницата ќе се создаваат емисии на прашина, јаглероден диоксид и гасови при согорување на фосилните горива. Посочуваат дека индустријата за цемент е втор по големина емитер на јаглерод диоксид, а емисијата на азотен оксид е значајна во ова производство.

    „Понудената локација заради кумулативниот ефект на загадувачки материи од постоечкиот каменолом, не може да издржи дополнително оптоварување на животната средина. Особено загрижува податокот дека процесот ослободува диоксини и фурани кои во нашата држава не се мерат, па цементарниците од овој вид мораат да ангажираат акредитирани лаборатории од странство, а кои СЗО ги класифицира како можен карценоген за луѓето, кои предизвикуваат имунолошки и ендокрини проблеми и влијаат врз здравјето на луѓето“, кажа Коцевски.

    Од Општина Велес стравуваат дека оваа инвестиција може да предизвика и обратен ефект на иселување на младите и родителите со мали деца, на кои им е премногу тешко да живеат во близина на постојната инсталација – каменоломот.

    „Добро за сите нас да се инвестира во Велес, но на безбедна локација, со современи технологии што нема да го загрозуваат здравјето на луѓето, животната средина и природата. Затоа што, поучени од лошите искуства од тридецениското опасно загадување од поранешна Топилница, никаков профит, никаков економски интерес не може и не смее да биде поважен од здравјето на луѓето“, кажа Коцевски.

    Против намерата да се гради цементарница во Превалеци се и еколошките здруженија од Велес. Со ова негативно мислење на Општина Велес, не завршува постапката за изградба на цементарница. Министерството за животна средина продолжува со следните чекори, предвидени согласно Законот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира