ОПШТИНАТА И ЛИКОВНАТА АКАДЕМИЈА ЌЕ ГИ РЕСТАВРИРААТ СКВЕРНАВЕНИТЕ СПОМЕНИЦИ НА БОРЦИТЕ ОД НОБ ВО ШТИП

    ОПШТИНАТА И ЛИКОВНАТА АКАДЕМИЈА ЌЕ ГИ РЕСТАВРИРААТ СКВЕРНАВЕНИТЕ СПОМЕНИЦИ НА БОРЦИТЕ ОД НОБ ВО ШТИПЌе се реставрираат над 100 спомен бисти и спомен обележја од НОБ во Општината Штип, не само во градот туку и во селата (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот сојуз на борците од НОБ и штипската локална самоуправа се договорија за продлабочување на соработката и за меѓусебно сестрано помагање.

    „Општината ќе дава безрезервна подршка и помош на сите активности на боречката организација во Штип не само во одбележувањето на значајните датуми од нашата историја, туку и во одржувањето на спомениците“, рече градоначалникот на Штип Благој Бочварски на средбата со членовите и подржувачите на борците од Општината Штип.

    Претседателот на Сојузот Трендафил Атанасовски најави дека со Ликовната Академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе е договорено нивните уметници, посебно од одделот за вајарство да помогнат во реставрацијата на сквернавените споменици од НОБ во Општината.

    „Во Општината има над 100 спомен обележја и спомен бисти на борци кои загинале во текот на НОБ. За жал, дел од нив континуирано се сквернавеа. Никој досега не ги откри сторителите, ниту мотивите за тоа“, велат од Боречката организација во Штип, чие раководство јавно има став при реставрацијата на спомен обележјата да нема корекции на нивните содржини.

    На предлог на Сојузот на борците од НОБ во Штип градоначалникот Благој Бочварски потпиша пристапница и со тоа стана почесен и најмлад член на градскиот Сојуз на борците.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира