ОПШТИНИТЕ КАРПОШ И СТРУМИЦА ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ЗЕЛС, ОБВИНИЈА ДЕКА ТРПАТ ПРИТИСОЦИ ОД ВЛАСТА

    ОПШТИНИТЕ КАРПОШ И СТРУМИЦА ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ЗЕЛС, ОБВИНИЈА ДЕКА ТРПАТ ПРИТИСОЦИ ОД ВЛАСТАПретседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија на власта за да ги штити интересите на локалната самоуправа, рече градоначалникот Јакимовски. (Фото: СДК.МК)

    Општините Струмица и Карпош ќе ја напуштат Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалниците Константин Костадинов и Стевче Јакимовски обвинија дека ЗЕЛС е партизирана и работи по насоки на премиерот Христијан Мицкоски. Претседател на ЗЕЛС е градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Причини за напуштање на ЗЕЛС има многу. ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа влада. Не сум првпат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива, или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Што прават со мене тука? Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите. Сега јавно да го прашам. Вие одите кон Брисел или одите кон Москва? Ако одите кон Брисел вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет. Министерот за внатрешни, гледате ни пушта кривични, на апсолутно чист предмет, а од друга страна гледате дека се пуштаат бандити од затвор. И ние треба да останеме во таа институција и да функционираме. Затоа, претседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија на власта за да ги штити интересите на локалната самоуправа“, изјави Јакимовски на денешната прес-конференција.

    Градоначалникот на Струмица Костадинов вели дека ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица откако
    Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја продолжи забраната за користење на водата.

    ,,Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт поради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење. ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветеринарство со анализите и резултатите од нив си игра мајтап со струмичани“, се вели во писмената изјава на градоначалникот Костадинов.

    Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски,  по најавите на Костадинов и Јакмовски изјави: „Доста несериозно од страна на двајцата мои колеги градоначалници е тоа што одредени нивни погледи кон ЗЕЛС или кон централните институции ги соопштуваат едниот преку фејсбук статус, а другиот закажувајќи прес-конференција без претходно да бидам како претседател на ЗЕЛС информиран за било какви недоразбирања или проблеми“.

    Вчера попладне, АХВ објави дека по вонредниот инспекциски надзор кај четири мостри биле пронајдени колиформни бактерии, а манганот бил во рамките на дозволеното ниво. Не прецизираше на кои земени мостри се пронајдени колиформни бактерии соопштувајки дека забраната за користење на водата останува.

    Денеска, струмички „Комуналец“ ги стави на увид 16-те микробиолошки анализи изработени од акредитирани лабаратории на водата во Струмица при што, во сите анализи стои дека испитаниот примерок на вода е здравствено исправен. Од „Комуналец“ велат дека го немат добиено резултатот од анализата што ја правел Институт за јавно здравје по налог на АХВ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира