ОСТАНУВА МИСТЕРИЈА ЗОШТО ТЕТОВСКАТА ВОДА ДОБИ НЕПРИЈАТЕН ВКУС

    ОСТАНУВА МИСТЕРИЈА ЗОШТО ТЕТОВСКАТА ВОДА ДОБИ НЕПРИЈАТЕН ВКУСОд Центарот за јавно здравје на Тетово деновиве се направени бројни анализи на водата за пиење, водата е исправна, но останува мистерија од каде го добива непријатниот вкус (Фото: СДК.МК)

    Во два наврати во изминативе десетина дена, водата во тетовскиот водовод доби непријатен вкус на кој се пожалија голем број тетовци. Од Центарот за јавно здравје на Тетово деновиве се направени бројни анализи на водата за пиење, и тие посочија дека водата е исправна,  но уште останува мистерија од каде го добива непријатниот вкус.

    „Нема место за паника меѓу граѓаните. Веднаш по добивањето пријава од граѓаните и од јавното комунално претпријатие на 23 октомври, нашата екипа излезе на терен и земени се мостри од водата за анализа. Направен е надзор и на филтер станицата, а дополнително мостри се пратени во институтот за Јавно здравје во Скопје. Сите анализи покажаа дека сите параметри кои можат да влијаат на здравјето се во рамките на нормала и од тој аспект водата за пиење во тетовскиот водовод е безбедна. На 29 октомври повторно имавме јавувања на граѓани за промена на мирисот и вкусот на водата. Повторно зедовме мостри за анализи и повторно првичните резултати покажаа дека сите параметри кои ги испитувавме повторно беа во рамките на нормала“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот јавно здравје на Тетово.

    Според д-р Давидовски, тетовската вода од засега непознати причини инцидентно го менува вкусот, а вистинскиот причинител уште не може да биде откриен. Причинители за тоа може да има повеќе, но засега ниту еден не е детектиран во тетовската вода.

    „Промената на вкусот на водата може да го предизвикаат органски и неоргански материи. Неорганските материи веднаш ги исклучивме како причинители, бидејќи испитаните параметри беа во нормалните граници. Што се однесува до органските материи, со оглед на тоа дека во тетовскиот водовод во еден дел доаѓа и површинска вода, тоа е од новоизградениот зафат на Лешничка Река и реката Пена, имаме препорака да се направат дополнителни испитувања за присуство на алги, актиномицети, габи. Можно е, според некои сознанија, промената на вкусот да настане и поради гниењето на лиснатата маса, посебно во овој период од годината, како и од растенијата што паѓаат во дотоците. За вакви анализи ние немаме опрема и тие мора да ги направат други стручни лаборатории“, вели д-р Давидовски.

    Во овој момент, во тетовскиот водовод се слеваат по 110 литри вода во секунда од новиот водовод кој зема вода од Лешничка Река и реката Пена и околу 200 литри во секунда доаѓаат од Шарските извори.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира