ОТКАКО ПРЕД 20 ДЕНА ТАКСИСТИТЕ САМИ СИ ГИ КАЧИЈА ЦЕНИТЕ, СОВЕТОТ НА КУМАНОВО ОДЛУЧИ ДА ПОСКАПИ ТАКСИ ПРЕВОЗОТ

    ОТКАКО ПРЕД 20 ДЕНА ТАКСИСТИТЕ САМИ СИ ГИ КАЧИЈА ЦЕНИТЕ, СОВЕТОТ НА КУМАНОВО ОДЛУЧИ ДА ПОСКАПИ ТАКСИ ПРЕВОЗОТНовата цена е 80 денари на старт за возење до два килметра и 40 денари секој нареден километар, наместо 60 денари старт и 30 денари по километар, како што беше досега. (Фото: СДК.МК)

    По три недели откако такси компаниите и дивите превозници сами си ги зголемија цените на такси услугите во Куманово, Советот на Општината синоќа  донесе одлука за поскапување на такси превозот во градот. Новата цена е 80 денари на старт за возење до два килметра и 40 денари секој нареден километар, наместо 60 денари старт и 30 денари по километар, како што беше досега.

    Одлуката ја поддржаа советниците на власта од коалицијата „За наша Куманово“, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанца и Беса, сметајќи дека таа е неопходна во време на енергетска криза и зголемување на трошоците.

    „Иако оваа мерка е непопуларна, треба да се излезе во пресрет на такси компаниите, бидејќи тие подолг период бараат да се зголеми цената. Покачувањето на стартот со поминати 2 километри ќе биде 80 денари и секој изминат километар 40 денари. Доколку не ја зголемите цената на такси превозот ќе се стимулираат дивите превозници“, кажа Дарко Митевски, координатор на групата „За наше Куманово“, кој го поткрепи тврдењето со зголемената цена на горивата и трошоците за минимална плата.

    Координаторот на опозициската СДСМ Александар Јовановски, праша зошто општинската администрација дозволила таксистите на своја рака да ја зголемуваат цената, и побара одговорност од надлежните за стимулирање на беззаконието.

    „Ние нема да го поддржиме овој предлогот, бидејќи сме ставени пред свршен чин да гласаме нешто за што веќе е донесена одлука, која веќе се спроведува на терен, во пракса, а граѓаните ја трпат најголемата штета. Сè уште немаме комплетен јавен превоз и сега со поскапувањето на таксито, превозот стана вистински луксуз“, изјави Јовановски.

    Тој праша дали инспекторите за сообраќај излегле на терен и што е преземено, бидејќи Општината ги баждари и наплаќа по таксиметрите и дали тие воопшто биле вклучени во овие три недели или се возело на диво.

    Претседателката на Советот Ивана Ѓоргиевска, кажа дека во 17 февруари имало барање од Здружението на такси превозниците за корекција на цената, но таа сметала дека не е време да се разгледа таа точката, по што таксистите сами си ја зголемиле цената. Иако им било укажано дека одлуката им е незаконска тие не сакале да ја сменат.

    Во Куманово веќе два и пол месеци во поголем дел на градот нема јавен превоз, затоа што изборот на нови превозници заглави во жалбена постапка, па граѓаните од најголемите приградски населби се приморани на работа и за други потреби во градот да користат такси услуги со повисока цена, но со многу слаб квалитет.

    Во сообраќајот има повеќе нерегистрирани такси превозници отколку легални. Тие вршат превоз со стари возила, без таксиметри и фискални апарати, а цената и километражата ги одредуваат од око. Најчесто возат по неколку патници за цена колку што чини автобуски билет. Со тоа се стимулира сивата економија на штета на регистрираните таксисти, јавниот превоз, Општината и државата.

    За хаосот во такси превозот на локално, но и на меѓуопштинско ниво кон Скопје и Липково, со години се зборува, но ништо не се презема да се реши.

    Во Куманово такси услугите последен пат поскапеа во декември 2018.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира