Нова улица се пробива покрај зградата на поранешното Специјално јавно обвинителество (СЈО) во Скопје. На овој дел се изградија голем број нови згради, а за нив нема соодветна инфраструктура. И покрај тоа што улиците се мали, тесни и инфраструкурата е наменената за индивидуално домување, и во овој дел како и низ цело Дебар Маало не остана ниту една куќа. Сите куќи станаа згради па дури и хотели.
Од Општина Центар велат дека улицата се пробивала на барање на граѓаните, оти до нивните згради не можеле да влезат возилата на Пожарна ако има пожар и Брзата помош.
„Пробивањето на кракот на улица Партизанска е извршено на барање на граѓаните кои живеат во околните згради и истото е предвидено во годишната програма за работа на Секторот за уредување на комуналното земјиште. Ова пробивање претставува и подобрено сообраќајно решение на улицата Партизанска во поглед на безбедноста на патниците и пешаците, но и за непречен транспорт на сите возила важни за потребите на граѓаните како Брзата помош, противпожарните возила, возилата на пајак службата и комуналните возила“, велат од Општина Центар.
Од Општината објаснуваат дека проектот за улицата е одобрен, вцртана е во важечкиот план, а за изградбата обезбедени се сите потребни документи и одобренија од надлежните институции.
А. АНТЕВСКА