ПАК УНИШТЕН ЛЕТНИКОВЕЦ ВО ПАРК ШУМАТА ГАЗИ БАБА, ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ СЕКОЈА ВЕЧЕР ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕ

    ПАК УНИШТЕН ЛЕТНИКОВЕЦ ВО ПАРК ШУМАТА ГАЗИ БАБА, ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ СЕКОЈА ВЕЧЕР ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕОва е втор летниковец кој е уништен во парк шумата за два месеци. (Фото: „Паркови и зеленило“)

    Во парк шумата Гази Баба ноќеска целосно е уништен еден од летниковците. Искршени се дрвата од кои е направен, клупите за седење внатре во него и покривот. Ова е втор летниковец кој е уништен во парк шумата за два месеци. Во април за време на полицискиот час еден од летниковците беше запален и целосно изгоре.

    „Очигледно е дека станува збор за намерно и организирано од повеќе лица уништување на летниковецот. Џабе се апелите и нашите заложби за уредување на паркови и подигнување на нови зелени површини, кога урбаната опрема постојано се уништува. Штетата е сигурно над 2.000 евра“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.

    Муча вели дека секое утро од Градскиот парк подигнуваат купишта ѓубре. Откако почна коронакризата младите секоја вечер, но и преку ден, се собираат по паркови и зад себе оставаат ѓубре, пластични и стаклени шишиња.

    „Се уништува и урбаната опрема, искршени се клупи, запалени корпи за отпадоци. Секое утро се собира ѓубре како што сме собирале после 1 мај од излетничките места“, додава Муча.

    Низ Скопје редовно се палат и контејнери, но полицијата не фатила ниту еден сторител.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира