СО ПАРИТЕ ЗА БАРОКНИТЕ ФАСАДИ, ЌЕ СЕ ПРАВАТ ЕНЕРГЕТСКИ ФАСАДИ НА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО СКОПЈЕ

    СО ПАРИТЕ ЗА БАРОКНИТЕ ФАСАДИ, ЌЕ СЕ ПРАВАТ ЕНЕРГЕТСКИ ФАСАДИ НА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО СКОПЈЕЗградата на „Пелагонија“ беше една од 95-те фасади кои Градот требаше да ги реновира во барок, а беа стопирани од градоначалникот Петре Шилегов. (Фото: М. Златевска)

    Парите за барокните фасади низ Скопје ќе се пренаменат за реконструкција фасадите на средните училишта во Скопје.

    Град Скопје по завршување на учебната година ќе стартува со поставување на енергетски-ефикасни фасади на средните училишта, а од март ќе ги реконструира и зазеленува школските дворови. За оваа намена во буџетот на Градот за 2018 година се предвидени околу 1,5 милиони евра.

    „Со реконструкцијата на фасадите ќе ги опфатиме сите средни училишта кои што имаат потреба од тоа. Со ова училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и за заштеда на електричната и на топлинската енергија. Покрај реконструкција на фасадите предвидена е реконструкција на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно. Парите ги обезбедивме со пренамена на средствата што беа предвидени за проектот Скопје 2014“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Со реконструкцијата ќе биде опфатена и адаптација на просторот за пристапност на учениците со физичка попреченост. Ќе се изградат надворешни и внатрешни рампи во училиштата каде што тие недостигаат, а исто така ќе се адаптираат и тоалетите во сите средни училишта на Градот Скопје.

    „Четири училишта се загреваат на мазут, работиме и на наоѓање на еколошки прифатливо решение, односно префрлување на топлификациската мрежа или воведување на гас“, вели Шилегов.

    Градоначалникот Петре Шилегов веднаш до доаѓањето на градоначалничката функција ја сопре изградбата на 95 барокни фасади на зградите во центарот на Скопје, кои ги почна неговиот претходник Коце Трајановски и најави дека нема да дава пари за овие проекти.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари