ПАТОТ ТЕТОВО-ЈАЖИНЦЕ ВО ПРЕКИН ПО СИНОЌЕШНИТЕ ПОРОЈНИ ДОЖДОВИ ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН, СЕЛОТО ДОБРОШТЕ СПАСЕНО ОД ПОПЛАВА

    ПАТОТ ТЕТОВО-ЈАЖИНЦЕ ВО ПРЕКИН ПО СИНОЌЕШНИТЕ ПОРОЈНИ ДОЖДОВИ ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН, СЕЛОТО ДОБРОШТЕ СПАСЕНО ОД ПОПЛАВАЖителите на Доброште срушиле мост во селото за да се спречи излевањето на водата (Фото: СДК.МК)

    По обилните дождови кои зафатија дел од Полошкиот регион, во прекин е регионалниот пат Тетово-Јажинце кон границата со Косово меѓу селата Доброште и Одри.

    Ноќеска кај селото Доброште се одвивала вистинска драма. Надојдените води на Габровска Река почнале да се излеваат од коритото и постоела опасност да се поплави селото. Жителите на Доброште веднаш се организирале и со багер почнале да го прошируваат коритото на реката за да може да ги прими надојдените води. Но, тоа не било доволно, па била донесена одлука да се сруши горниот мост во селото и така да се спречи излевањето на водата. Борбата со водената стихија траела до два часот.

    Во Јегуновце се поплавени повеќе куќи и дворови (Фото: СДК.МК)

    Интервенцијата била успешна и селото било спасено од поплава, но надојдената планинска река се излеала под селото и го поплавила регионалниот пат Тетово-Јажинце. На патот има големи наноси од камења, кал и песок, а дел од асфалтната лента во должина од дваесетина метри целосно е однесена. Од ноќеска, овој патен правец е во прекин, а сообраќајот се одвива по околни земјени патишта. Во Доброште водата направила помали оштетувања на неколку електрични столбови и на локалните улици.

    „Патот Тетово-Јажинце е непрооден меѓу селата Доброште и Одри поради излевање на реката. Се работи на отстранување на наносите од земја, кал, камења и дрвја“, објави градоначалникот на Општина Теарце Исен Асани на својот Фејсбук профил.

    Освен Габровска Река, од обилните дождови се излеа и реката Теаречка Бистрица, која навлегла во неколку плевни и подруми во Теарце, додека поголеми штети направила во својот долен тек, при што се поплавени повеќе куќи, дворови и ниви во Јегуновце.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира