ПЕДЕСЕТИНА НЕВРАБОТЕНИ КУМАНОВЦИ ДОБИЈА ГРАНТ ОД 5.000 И 10.000 ЕВРА ЗА ПОЧНУВАЊЕ СВОЈ БИЗНИС

    ПЕДЕСЕТИНА НЕВРАБОТЕНИ КУМАНОВЦИ ДОБИЈА ГРАНТ ОД 5.000 И 10.000 ЕВРА ЗА ПОЧНУВАЊЕ СВОЈ БИЗНИСПотписниците на договорите се обврзаа дека во наредните две години ќе ја развиваат дејноста за која се одлучиле (Фото: СДК.МК)

    Педесетина невработени од Куманово добија неповратни средства во висина од 5.000 или 10.000 евра за да започнат свој бизнис преку програмата за самовработување, која ја спроведуваат Владата и УНДП. Тие денеска потпишаа договор во Центарот за вработување и се обврзаа дека во наредните две години ќе ја развиваат дејноста за која се одлучиле.

    „Со мерката е предвидено да се додели грант за набавка на опрема и репроматеријали во износ од 5.000 или 10.000 евра на невработени лица кои имаат добра бизнис идеја и претприемачки способности. Оваа година имаме интерес од речиси сите дејности, прехранбената, текстилната и чевларската индустрија, услужната дејност, адвокатски канцеларии, здравствени ординации и сметководствени услуги“, изјави Марија Димитриевска, директорка на Агенцијата за вработување во Куманово.

    За оваа мерка аплицирале 116 кумановци. Поради големиот интерес, обезбедени се дополнителни средства од буџетот на Агенцијата за вработување на Македонија за уште 27 лица, како и за 10 невработени лица преку Швајцарската агенција за обнова и развој.

    „Се очекува оваа година на ниво на Општина Куманово да се регистрираат околу 85 нови бизниси, кои ќе креираат нови работни места и ќе ја намалат невработеноста во градот“, додава Димитриевска.

    Мерката за самовработување е предвидена и за наредната година.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира