Пензионерката Елица Нацева од охридското село Подмолје донираше 100 заштитни маски и 200 ракавици за полицијата. Деновиве, заштитните маски ќе бидат дистрибуирани до полициските службеници на терен кои преземаат бројни и сложени безбедносни мерки за заштита на граѓаните од ширење на коронавирусот, кажаа од полицијата.
„Во знак на солидарност, донирам мала помош но од срце и со голема почит и поддршка кон полицајците кои, покрај лекарите и војниците, и по цена на нивното здравје, дење и ноќе се ангажирани да придонесат за поголема заштита на нас граѓаните од коронавирусот”, рече Нацева.
Таа се приклучи на иницијативата на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Регион Охрид за набавка и дистрибуција на заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција, наменета за полициските службеници.
„Нејзиниот хуман гест е исклучително значаен бидејќи Елица, од својата скромна пензија, одлучи да издвои парични средства и преку ИПА Регион Охрид на полициските службеници да им подари 100 висококвалитетни и повеќенаменски заштитни маски како и 200 заштитни ракавици”, рече Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид и претседател на ИПА Регион Охрид.
Д. ЧУБРИЌ