ПЕШАЧКИОТ КЕЈ ВО СКОПЈЕ СТАНА БУЛЕВАР, ЖЕРНОВСКИ НЕ ЗНАЕ, КОЦЕ БАРА ПОЛИЦИЈА

    ПЕШАЧКИОТ КЕЈ ВО СКОПЈЕ СТАНА БУЛЕВАР, ЖЕРНОВСКИ НЕ ЗНАЕ, КОЦЕ БАРА ПОЛИЦИЈАНиз новата улица која се изгради меѓу терасите на кафулињата минуваат коли и камиони за дотур на стока. Во улица е претворен и делот наменет за пешаци покрај реката Вардар (Фото:Ѓ. Личовски)

    На Кејот 13 Ноември во Скопје се вози како на булевар. Шеталиштето е блокирано од сите страни со возила. Низ новата улица која се изгради меѓу терасите на кафулињата минуваат коли и камиони за дотур на стока, но и приватни возила на луѓе што пијат кафе на терасите. Во улица е претворен и делот наменет за пешаци покрај реката Вардар покрај галиите од Скопје 2014. Таму на само што се движат возила туку и се паркираат кај ќе стигнат.

    Одлуката на Општина Центар, со која место улица со посебен режим на сообраќај на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардинери и корпи за отпадоци, никој не ја почитува. Од Општината не добивме одговор зошто место клупи и жардинери, како што најавија, на улицата од сите страни минуваат возила.

    Од Општина Центар не добивме одговор зошто место клупи и жардинери, како што најавија, на улицата од сите страни минуваат возила (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од кабинетот на градоначалникот Андреј Жерновски во петокот, кога побаравме да ни објаснат зошто кејот е булевар, ни рекоа дека треба да проверат кај надлежните инспектори, но одговор на добивме.

    Од кабинетот на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски врдат дека Градот не е инвеститор на улицата на кејот и за сообраќајниот режим се пропишани условите кои треба да ги почитуваат сите.

    „Сообраќајната полиција е надлежна за регулација на сообраќајниот режим и сите што не го почитуваат треба да бидат санкционирани“, велат од Градот.

    Улицата на кејот почна да се гради во март. Изведувачот тогаш за време на викенд се појави на кејот, постави зелена ограда и работниците почнаа да ги вадат плочките, но кафеанџите им се спротивставија и не дозволија да продолжат со работа. На терен и тогаш излезе овластен градежен инспектор од Општина Центар, утврди дека нема информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи и ја стопираше изградбата.

    На вонредна седница, Советот на Општина Центар донесе одлука со која место улица со посебен режим на сообраќај на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци, истата недела на редовна седница Советот го поништи планот Мал ринг, во согласност со кој е издадено одобрението за градење на улицата. Општината информираше дека, по поништувањето на планот, побарала од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни  на законот и волјата на граѓаните. Од Градот тогаш се изјаснија дена нема правен оснoв да се направи тоа.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира