ПЕТ ПОЖАРИ ИЗБУВНАЛЕ ЗА ДВА ЧАСА ВО ПРИЛЕПСКО, УТРОВО СИТЕ СЕ ЛОКАЛИЗИРАНИ

    ПЕТ ПОЖАРИ ИЗБУВНАЛЕ ЗА ДВА ЧАСА ВО ПРИЛЕПСКО, УТРОВО СИТЕ СЕ ЛОКАЛИЗИРАНИСо пожарите се зафатени нискостеблести растенија, смрека, чалија и трева на површина од 300-400 хектари. (Фото: Општина Прилеп)

    Пет пожари за два часа вчера избувнаа во околината на Прилеп. Најголем беше пожарот кај Плетвар, па регионалниот пат Прилеп-Градско мораше да биде затворен за сообраќај дури 7 часа бидејќи густ час ја намалуваше прегледноста на патот. Утрово на сите локации пожарите се локализирани.

    „Во овој момент пожарите се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола заради временските неприлики, поточно силниот ветер и сувата трева, што можат да предизвикаат нивно повторно палење. Со пожарите е зафатена површина од околу 300-400 хектари, во добар дел непрооден терен, што ни создава дополнителни проблеми. Единствениот активен пожар е оној кај селото Рилево, општина Долнени, но, и тој е под контрола“, рече командирот на Територијалната противпожарна единица на Прилеп Виктор Стојчески.

    Во гасењето на пожарите покрај прилепските пожарникари учествуваа волонтери и вработени во општинските јавни претпријатија и „Македонски шуми“, како и со противпожарните единици од Битола, Крушево и Кавадарци. Со пожарите се зафатени нискостеблести растенија, смрека, чалија и трева.

    „Најголемиот пожар се случи вчера во попладневните часови на Плетвар, поточно на потегот кај каменоломот, Топлица и Тројаци. Заради интензитетот на пожарот, вчера имаше прекин на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, во траење од околу 7 часови. Со огромен ангажман на припадниците на противпожарната единица, беше спречено огнот да се префрли на другата страна од магистралниот пат, по што околу 23 часот патот беше пуштен за сообраќај во двата правци“, изјави градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.

    Кризниот штаб ја контролира состојбата на опожарените места и како што велат доколу има потреба екипите се спремни да реагираат.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари