ПЕТМИНА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ НА ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС, ЗА ДВАЈЦА ПОБАРАН ПРИТВОР

    ПЕТМИНА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ НА ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС, ЗА ДВАЈЦА ПОБАРАН ПРИТВОРОбвинителството побара притвор за одговорното лице и за работникот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент, а за останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост. (Фото: Пожарна)

    Четворица работници и одговорното лице во градежната фирма кој ги ангажирала се осомничени за предизвикување на пожарот кој пред 2 дена изгоре површина од 400 хектари кај Велес близу Езерото Младост, соопшти велешкото Основното јавно обвинителство. Обвинителството побара притвор за одговорното лице и за работникот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент, а за останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.

    „Според првичните сознанија, пожарот настанал од искри исфрлени од апарат за брусење. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, па била опожарена и поголема шумска површина. Основното јавно обвинителство Велес иницираше постапка за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик во врска со член 288 (Предизвикување општа опасност)“, соопшти Обвинителството.

    По скратена постапка кривично ќе се гони и правното лице – градежната компанија која ги ангажирала осомничените.

    Пожарот вкупно зафати 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева, а изгореа и свињарска фарма и една викендичка. Триста луѓе беа вклучени во завчерашното локализирање на големиот пожар. Пожарникари од Велес, Скопје, Штип, Свети Николе, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Гевгелија, десет часови се бореа со огнената стихија. Нив им помогнаа и припадници на Армијата, вработени во ЈП Македонски шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП Дервен, велешките ловџии и доброволци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира