ПЕТМИНА ПРИВЕДЕНИ И ЗАПЛЕНЕТА ДРОГА ВРЕДНА 800.000 ЕВРА ПРИ ПРЕТРЕС ВО ФАБРИКА ЗА КАНАБИС ВО БИТОЛА

    ПЕТМИНА ПРИВЕДЕНИ И ЗАПЛЕНЕТА ДРОГА ВРЕДНА 800.000 ЕВРА ПРИ ПРЕТРЕС ВО ФАБРИКА ЗА КАНАБИС ВО БИТОЛАПронајдената дрога е спакувана во 67 вреќи во вкупна тежина од околу 250 килограми. (Фото: МВР)

    Пет лица се приведени, а запленета е дрога во вредност од 800.000 евра при претрес во фабрика за производство на канабис за медицински цели во Битола на која ѝ била одземена дозволата за работа, а било откриено дека се врши производство на марихуана, соопштија од МВР.

    Претресот во просториите на фабриката бил спроведен вечера од полициски службеници од Единица за недозволена трговија со дрога, во координација со тимови од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и СВР Битола.

    „При извршениот претрес на правниот субјект, во една од просториите затекнати се две женски лица во момент на обработка и пакување на сув цвет од канабис, додека во други простории на фабриката е пронајдена голема количина на сув цвет од канабис“, соопшти портпаролката на МВР Сузана Прањиќ-Талевска.

    Од полицијата соопштија дека добиле информации дека се произведува марихуана од правен субјект и покрај донесената одлука и решение од Владата на 25.05.2021 за одземање на дозвола за одгледување на канабис за медицински цели, па била обезбедена наредба за претрес од Основен суд Битола.

    Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, пронајдената дрога е спакувана во 67 вреќи во вкупна тежина од околу 250 килограми. Петте лица се приведени во полициска станица, а по комплетирање на целокупната документација против сите инволвирани лица во нелегално производство на наркотична дрога марихуана ќе биде поднесена кривична пријава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира