ПЕТРЕ НЕКА НЕ МИ СЕ МЕША, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЕЏЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА

    ПЕТРЕ НЕКА НЕ МИ СЕ МЕША, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЕЏЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКАГрадоначалникот на Сарај Блерим Беџети денеска изјави дека бараат правен начин да се решат дивоградбите на Матка и дека тие постојат со години. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети денеска изјави дека платформите на Матка се диви и му порача на градоначалникот Петре Шилегов да не му се меша во работата во Општината. Беџети, после три недели откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на Матка се гради дива платформа, во изјава за телевизија Телма рече дека бараат правен начин да се решат дивоградбите и дека тие постојат со години.

    Никој не знае кој ги поставил дивите платформи на Матка, а сите надлежни државни органи се прогласија за ненадлежи за уривање (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Во моментов ниту една од платформите нема регулирано правен статус. Дополнителен проблем е пештерата која има врата, а никој не знае кој ја поставил. Јас сакам во пакет да ги решиме и ќе барам поддршка и од други институции. Ќе преземеме постапка како за други предмети. Станува збор чувствително место, треба да внимаваме да не ѝ наштетиме на Матка, но и да се зачува угледот и развојот на туризмот“, изјави денеска градоначалникот Беџети.

    Откако вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов го повика да почне да си ја врши работата за која е избран од граѓаните, Беџети денеска му одговори да си гледа своите надлежности.

    „Избрзана му е изјавата, не држи. Петре треба да ги види другите надлежности кои ги има, а не да се занимава со надлежностите на Општина Сарај“, изјави Беџети.

    Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам денес се прогласи за ненадлежен за дивите платформи на Матка бидејќи станувало збор за урбана опрема која не е градба од прва категорија.

    „Урбаната опрема и монтажно-демонтажните објекти не претставуваат градба од прва категорија согласно Законот за градење. Инспекторатот нема право да излегува и да врши инспекциски надзор за објекти кои се од локално значење“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари