ПЛАЖИТЕ ВО ДОЈРАН ПОД ВОДА, СЕ МОЛИ ГРЦИЈА ДА ЈА ИСПУШТА ВОДАТА

    ПЛАЖИТЕ ВО ДОЈРАН ПОД ВОДА, СЕ МОЛИ ГРЦИЈА ДА ЈА ИСПУШТА ВОДАТАВодостојот на Дојранското Езеро е 11 сантиметри над договорената квота, што предизвика Градската плажа целосно да биде под вода (Фото: СДК.МК)

    Поголемиот дел од плажите покрај дојранското крајбрежје се поплавени. Водостојот на Езерото е 11 сантиметри над договорената квота, што предизвика Градската плажа целосно да биде под вода. Состојбата не е поразлична ниту со останатите плажи ниту пак со пешачката патека што минатиот месец се реконстуираше со општински пари. Дојранчани сметаат дека треба да се преземат мерки за да се регулира водостојот на Езерото, оти вака Стар Дојран ќе нема плажи, а гостите ќе се сончаат по јавните зелени површини.

    Под вода се и останатите плажи и пешачката патека што минатиот месец се реконстуираше со општински пари (Фото: СДК.МК)

    „Се гледа, целата Градска плажа е под вода. Очигледно овде, каде е најфрекфентно со гости и посетители, ако не се преземат мерки гостите ќе се сончаат или на бетонот или во парковите. Треба да се најде решение. Овде и да посипуваат со песок џабе ќе е, премногу вода е. Прво водата треба да се повлече, па дури тогаш да се прави. Еве јуни е зад вратата и мора да се најдат локации за плажи’’, коментираа посетителите и гостите во Дојран за продолжениот празничен викенд.

    Постарите дојранчани сметаат дека единствено решение да се регулира водостојот на езерото е да се стави во функција испусниот канал од грчка страна, низ кој пред три децении енромно се испушташе вода и на Езерото му се закануваше еколошка катастрофа. Велат дека сега тој бил затрупан и нефункционален и требало многу пари да се реконструира.

    „Мислам дека водата сама по себе ќе се повлече, но ако има дождови тогаш ќе мора да се испушта водата од грчка страна. Но како што знаеме, каналот со години е затрупан и сега требало пари да се санира. Се шпекулира дека биле потребни околу милион и пол евра да се стави во функција, а Кукушката област немала толку средства“, вели Ристо Ристов, жител на Дојран.

    Градоначалникот Анго Ангов вели дека се во преговори со Грција за ставање во функција на испусниот канал на грчка страна (Фото: СДК.МК)

    Во Општината се свесни за новонастанатата ситуација. Велат дека ги преземаат сите мерки согласно нивните можности и ингеренции да се подобри сликата со градската плажа во Стар Дојран и ветија дека ќе биде оспосбена за да ги пречека првите туристи пред стартот на сезоната. Градоначалникот Анго Ангов вели дека паралелно се во преговори со Грција за ставање во функција на каналот.

    „Во преговори сме со грчките власти и набрзо треба повторно да се стави во функција каналот од кој ќе истекува вишокот вода од Дојранското езеро. Со тоа ќе се спречи натамошното евентуално преливање и уништување на плажите и пешачко рекреативната патек долж брегот на Езерото“, вели Ангов.

    Општинските власти деновиве интензивно работат на оспособување и ставање во функција на трите плажи, Калдрма во Нов Дојран,  Св. Никола во близина на населбата Карач и плажата кај Николиќ. Како што најавија, истите плажи ќе фунцкионираат според највисоките стандарди и освен вообичаените реквизите ќе нудат и повеќе забавни содржини типични за езерски плажи.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира