И по година и пол откако во сообраќајна несреќа загина 18-годишната Михаела Стевановска од Прилеп, семејството нема информација никакви информации до каде е постапката. Бараат правосудниот систем да работи брзо и ефикасно, оти не знаат дали случајот е во Обвинителството или е на суд. Тие нивната болка ја кажаа на саботниот протест „Стоп за жртвите од сообраќајното насилство“ во Неготино, по повод смртта на 22-годишната Фросина Кулакова која беше прегазена на булеварот Партизански одреди во Скопје.
„Внуката Михаела Стевановска почина на 28 август 2023 во сообраќајка во Прилеп. Се знае сторителот, возачот на автомобилот. Но, до ден денес немаме никаков абер што се случува, ниту обвинителство ни кажало, ниту судот во Прилеп нè повикал, има ли обвинет, а поминаа година и пол. За каква правда зборуваме, девојчето почина, а сторителот се шета на слобода? Секое чекање е голема болка и за родителите и за нас роднините“ , рече нејзината вујна.
Девојката била дојдена летото на одмор во родниот крај кога се случила сообраќајката, живеела во странство.
Од Обвинителството на нашето прашање за овој случај ни одговорија дека истрагата е завршена, во октомври лани било поднесено обвинение, а судскиот процес во Основен суд Прилеп ќе започне во април годинава.
„Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп на 29.10.2024 година поднесе обвинение против едно лице на возраст од 20 години за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот управувал со автомобил ‘голф’, во кој како сопатнички се превезувале починатата и повредената. Со наредените вештачења е утврдено дека брзината не била прилагодена на условите на патот, по што возилото удрило во земјен брег и кај оштетените настапиле тешки телесни повреди, од кои едната починала. Почетокот на судењето е закажан за 16.04.2025, а за текот на судскиот процес е надлежен Основниот суд во Прилеп“, велат ОЈО Прилеп.
Според полицискиот билтен, сообраќајката е случена на 28.08.2023 во 21.58 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Прилеп, на место викано Циглана во село Долнени, Прилепско, кога патничко моторно возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од В. М. (18) од село Пешталево, излетало од патот. Од здобиените повреди на местото починала сопатничката Михаела Стевановска од Прилеп. Тешки телесни повреди имаа возачот В. М. и другата сопатничка Б. С. (18) од Прилеп.
П. ПЕЧКОВ