ПО 20 ГОДИНИ, ВРАБОТЕНИТЕ ВО РЕК „БИТОЛА“ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВИ, ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ

    ПО 20 ГОДИНИ, ВРАБОТЕНИТЕ ВО РЕК „БИТОЛА“ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВИ, ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИЗа шесте автобуси со погон на метан ќе бидат издвоени 1,4 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    По неодамна објавениот тендер за набавка на сопствена механизација за ископ на јаглен, „Електрани на Северна Македонија“ објави јавен повик и за нови шест еколошки автобуси со погон на метан за превоз на вработените во РЕК „Битола“. ЕСМ за автобусите има обезбедено 88 милиони денари или 1,4 милиони евра, сопствени средства што ги заштедил во текот на оваа година.

    „Ова е прва ваква набавка по 2000 година. Тоа доволно зборува за катастрофалната состојба во која се наоѓаат автобусите во РЕК. Повеќе се во гаражи на сервис отколку што ги превезуваат вработените. Новите автобуси ќе обезбедат квалитетен и безбеден превоз. Од еколошки аспект, автобусите кои сега ги превезуваат работниците многу ја загадуваат животната средина и не ги исполнуваат ниту минималните услови. Граѓаните со право реагираат и мене како битолчанец кога ги гледам низ улиците, ми е непријатно. Новите автобуси ќе бидат на еколошко гориво и нема да ја загадуваат животната средина“, рече Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.

    Кога нема да возат работници, новите автобуси ќе вршат бесплатен превоз на ученици, студенти, пензионери, спортски клубови и други целни групи од Битола, Новаци и Могила.

    ЕСМ пред неколку дена објави и тендер за набавка на помошна механизација за ископ на јаглен во РЕК, за што од буџетот се издвоени 19 милиони евра, со кои ќе се купат 47 парчиња механизација. Менаџментот најави дека за 2020 и 2021 година се предвидени нови средства, првично 26 милиони евра за набавка на циклична механизација за рудникот Брод Гнеотино.

    По празниците ќе биде објавен и тендер за реконструкција на електростатските филтри откако првиот пропадна во ноември годинава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира