ПО 76 ГОДИНИ РАБОТЕЊЕ СЕ ЗАТВОРА ПЕЧАТНИЦАТА „НАПРЕДОК“ ВО ТЕТОВО, „ПРОСВЕТНО ДЕЛО“ ИМ ДОЛЖИ 5 ПЛАТИ НА ВРАБОТЕНИТЕ

    ПО 76 ГОДИНИ РАБОТЕЊЕ СЕ ЗАТВОРА ПЕЧАТНИЦАТА „НАПРЕДОК“ ВО ТЕТОВО, „ПРОСВЕТНО ДЕЛО“ ИМ ДОЛЖИ 5 ПЛАТИ НА ВРАБОТЕНИТЕСопственикот на „Просветно дело“ не одговори кога ќе им бидат исплатени заостанатите плати и каков ќе биде понатамошниот статус на вработените. (Фото: СДК.МК)

    Печатницата „Напредок“ од Тетово дефинитивно се затвара и заминува во историјата на градот. Формирана во 1948, беше една во првите печатници во слободна Македонија и со децении беше еден вид симбол на Тетово. Во 2006, печатницата ја презеде издавачката куќа „Просветно дело“, која сега решила да ја ликвидира без да даде образложение зошто. Деновиве усно им е речено на работниците дека печатницата се затвора и дека печатарските машини ќе се продаваат.

    „Се оствари најцрното сценарио на кое ние работниците во ‘Напредок’ подолго време укажувавме. До вакво нешто не требаше да дојде бидејќи печатницата имаше тековно работење, но на крајот од годината н оставија без дотур на репроматеријали и суровини, па работата замре. Печатницата ‘Напредок’ како правен субјект е поделена на две фирми ‘Напредок 1’ и ‘Напредок принт’ и сите ние 48 вработени од овие две фирми немаме добиено никакви решенија ниту каква било правна разврска за нашиот статус. Доаѓаме редовно на работа, седиме тука и чекаме како ќе биде решен нашиот статус. Управителот на ‘Просветно дело’ Горан Дуковски, кој е и еден од сопствениците, усно ни има кажано дека оваа фирма дефинитивно нема да продолжи со работа и дека тие веќе имаат побарано купувачи за машинскиот парк и за локацијата. Ова значи дека печатница ‘Напредок’ дефинитивно се затвара“, вели Живе Ќироски, претседател на синдикалната организација на печатницата.

    Печатницата имала склучено договор да го печати „Службен весник“ за цела година, а воедно во печатницата се печателе и учебници за Министерството за образование. Како што велат вработените, со месеци имале толку многу работа што работеле и во саботите само да успеат да ги запазат роковите, но и покрај тоа од почетокот на оваа година остануваат без работа, а под знак прашање останува и дали ќе ги добијат заостанатите 5 плати и други надоместоци кои им следуваат, а кои „Просветно дело“ им ги должи на работниците.

    „До денес ‘Напредок принт’ нема земено плата уште од август, септември, октомври, ноември и декември и не е исплатен К-15 за 2023 година, а ‘Напредок 1’ нема земено плата за октомври, ноември и декември и исто така нема исплатено К-15. Исто така не се уплатени ниту придонеси за здравствено осигурување. Ние бараме да ни се исплатат заостанатите плати и други надоместоци и конечно да ни се каже каков ќе биде нашиот понатамошен статус, односно дали, дали ќе бидеме прогласени за технолошки вишок или ќе одиме под стечај. Во остварување на овие наши работнички права ќе ги преземеме сите правни мерки што ни се овозможени“, посочува Ќироски.

    Од неодамна сменет е и управникот на печатницата „Напредок“, а за нов управник е поставен Сашо Ангеловски, вработен во „Просветно дело“ во Скопје. Успеавме да стапиме во контакт со Ангеловски и побаравме да ни даде информација за тоа дали на вработените од печатницата „Напредок“ од Тетово ќе им бидат исплатени заостанатите плати и каков ќе биде понатамошниот статус на вработените.

    „Во моментов сопственикот не е тука, ќе ве контактира за кратко и од него ќе добиете изјава“, кратко одговори Ангеловски, но до заклучувањето на текстот не добивме никаква изјава од сопственикот на „Просветно дело“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира