ПО ДЕЦЕНИИ ИГНОРИРАЊЕ, ОПШТИНА ВЕЛЕС ИЗБРОИ 108 ДИВОГРАДБИ ВО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ БАБУНА

    ПО ДЕЦЕНИИ ИГНОРИРАЊЕ, ОПШТИНА ВЕЛЕС ИЗБРОИ 108 ДИВОГРАДБИ ВО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ БАБУНАЗа решавање на проблемот се чека донесување на Законот за легализација на дивоградби. (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес ги преброи дивоградбите во долниот тек на реката Бабуна, од вливот во Вардар до месноста Пешти. Дивата населба која се создаваше со децении и ниту една локална власт досега не најде начин и сили да ја сопре градбата, е цел на жестоки реакции на граѓаните дека институциите не реагираат навремено.

    „Градежните инспектори заедно со комуналниот инспектор и инспекторот за домување при Општина Велес излегоа на лице место во локалитетот – месноста Бабуна и неколку дена правеа увид на фактичката состојба во однос на бројот на изградените објекти на тоа подрачје. Од увидот на лице место е констатирано дека во месноста Бабуна се изградени 108 објекти и поставени се 16 приколки“, вели локалната власт.

    Ова е првпат по толку години локалната власт да изврши регистрација на дивоградбите во овој локалитет, кој беше заштитено подрачје, но таму никна дива населба. За решавање на проблемот се чека донесување на Законот за легализација на дивоградби. За дивата населба реагираше советникот Игор Смилев.

    „За да добијам струја за просторија, која е легална, ЕВН ми бараше документи за чие обезбедување беа потребни денови и недели. Моето прашање е како овие дивоградби добиле електрична енергија и како ЕВН тоа го толерира, имаат ли тие важечки документ, како и сите други граѓани?“ ,  кажа Смилев.

    Советникот Драган Димевски ја актуелизираше состојбата со градба на пешачката патека на Езеро Младост, во месноста Бела Вода. Тој праша дали објектот е легален и што се презема ако е дивоградба.

    Градоначалникот Колев го поддржа Димевски за санкционирање на состојбите со дивоградбите.

    „Ова е тест за локалната власт. Случајот ќе се испита, за да не ни се случи овој дел од крајбрежјето на езерото Младост да биде втора Бабуна“, одговори Колев на советничкото прашање.

    Засега на овој објект не бил извршен увид за да се види дали е дивоградба или не.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира