По пишувањето во медиумите дека Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, организатор на колонијата „Мал битолски Монмартр“, под изговор за доброседски односи врши политичка злоупотреба на деца носејќи ги во Бугарија при што имаат средби и со бугарски политичари, полицијата по допрен глас доставила известување до Основното јавно обвинителство (ОЈО) за случајот, рече министерот Оливер Спасовски при денешната посета на СВР Битола, прашан дали е отворен предмет.
Тој рече дека процесното дејствие што го имаат на располагање е поднесување известување до ОЈО од каде очекуваат дали ќе добијат наредби за прибирање документација, зашто ниту родител, ниту пак Детската амбасада Меѓаши немаат доставено кривична пријава за случајот.
„Ниту еден родител, нити Меѓаши или друга огранизација нема доставено кривична пријава. По доставувањето на известувањето веќе измаме предмет. Апелирам и за овој и за друг случај да се достават кривични пријави, да се земат изјави на записник во однос на овие случаји за да можат и институциите да постапуваат. Не треба да ги отвораме предметите само по допрен глас. Доколку има некаква злоупотреба тоа да се пријавува, за да можеме да постапуваме“, рече Спасовски.
Неодамна, деца од Битола беа однесени во Бугарија кај царот Симеон Втори и кај претседателот Румен Радев. Ова не беше прва ваква посета, САКАМДАКАЖАМ.МК кон крајот на минатата година објави дека истото ликовно студио во рамки на проектот „Од двете страни на границата“ однесе десетина деца од Македонија во камп во Бугарија, каде освен организацијата на детска ликовна изложба во Народното собрание и посета на знаменитости, имаа средба и со бугарскиот цар Симеон Втори, а го постија и гробот на неговиот татко царот Борис Трети. Проектот беше финансиран од Фондацијата „Бугарско сеќавање“, чиј основач Милен Врабевски е познат како финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид.
Од раководството на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ тогаш ни изјавија дека нема ништо спорно во посетата на детските ликовни творци од Македонија во Бугарија, дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави. Исто така, дека имале дозволи од родителите за организираната агенда.
Царот Борис Трети, по кого беше именуван и бугарскиот клуб во Охрид, владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. По водство на Борис Трети, во бугарската историографија познат како „Царот обединител“ зашто во соработка со Силите на оската земјата ја проширува во границите на Санстефанска Бугарија, Бугарија влезе во Тројниот пакт на нацистичка Германија, Италија и Јапонија. Во април 1941 тој дозволи германските сили од територијата на Бугарија да го нападнат Кралството Југославија, и за награда доби територии од распаднатата југословенска држава и Грција, меѓу кои голем дел од денешна Македонија. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади Евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка, од кои 7.144 само од денешна Македонија. Почина неочекувано на 28 август 1943, набрзо по посетата на Хитлер. На престолот го наследи син му Симеон Втори, кој остана на чело на бугарската држава до септември 1946, а кој од јули 2001 до август 2005 беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.
Ликовното студио од Битола ја започна соработката со бугарската фондација уште минатата година, кога Министерството за образование и наука (МОН) го откажа финансирањето на студиото. Беше организиран и Монмартр за првпат во Пловдив и Софија, Бугарија. На годинешното свеченото отворање на „Малиот битолски Монмартр“, престижна награда за мецена-патрон на уметноста организторите од ликовното студио му доделија токму на Милен Врабевски, член на Меѓународниот управен одбор на колонијата, кој за колонијата донираше 17.500 евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА