До задниот влез на зградата на Владата се стигнува по кал и вирови. Улицата која води од булеварот Климент Охридски во делот кај Владата до кејот на реката Вардар е без асфалт, полна со дупки, кои при секој дожд се полни со вода, а онаму каде нема дупки се оди по кал. Плочките со кои бил поплочен овој простор се извадени и со години никој не го уредува просторот. Преку ден просторот е блокиран од возила на вработени во Владата оти паркирањето тука е беплатно. На сите страни паркирани се возила без ред, па буквално не може да се помине.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека просторот кај Владата не се чепка оти тука ќе минува улицата за тунелите под Кале кои тој најавува дека ќе ги гради. Тунелите под Кале нема да почнат да се градат уште најмалку една година, а дотогаш простор ќе остане неуреден.
Иста е состoјбата и со просторот зад новата зграда на Филхармонијата. Просторот е без асфалт, пол со дупки и блокиран со возила и преку ден и навечер.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека имаат проблем да го уредат просторот кај Филхармонија оти е приватен имот, а оној пак кај Владата не се чепка оти тука ќе минува улицата за тунелите под Кале кои тој најавува дека ќе ги гради.
„И мене ми пречи како изгледаат овие две локации. Во делот кај Владата ќе се почнат градежни работи за изградба на тунелите под Кале. Не сакам да инвестирам во нешто и за одредено време тоа да се раскопа. Просторот пак кај Филхармонија е приватен имот. Во преговори сме со сопствениците да ни дадат дозвола да го уредиме просторот со соодветно зеленило и да забраниме паркирање“, вели Шилегов.
Шилегов вели дека наредниот месец ќе се распише тендер за изработка на проект за двата тунели, во кој ќе биде опфатено и испитувањето на земјиштето за пробивање на новата сообраќајница.
„Очекувам дека наредната година ова време ќе го избереме изведувачот на градежните работи и ќе започнеме со реализација на проектот кој предвидува двата тунели да бидат во должина од 250 метри. Нивната изградба нема да ги наруши археолошките ископини бидејќи копањето за тунелите ќе биде многу подолу“, вели Шилегов.
Новата сообраќајница, според проект, ќе започнува од булеварот Климент Охридски покрај Владата, преку мост на реката Вардар под тврдината Кале и ќе излегува на улицата Самоилова, кај семафорите во ромското маало.
А. АНТЕВСКА