Почна да се доградува мостот на Вардар на кој требаше да стои панорамското тркало. Екипи на ГП „Бетон“ со камиони и кранови почнаа со поставување на сајли на мостот. Според новиот проект мостот нема да има барокни елементи, ќе биде поставена проѕирна ограда да се гледа Камен мост и треба да биде готов на пролет.
Градоначалникот Петре Шилегов во април најави дека одлучиле мостот да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договорот односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра.
„Донесовме одлука да се догради пешачкиот мост. Уривањето онака како што е сегашната позиција на мостот заедно со заостанатите плаќања и обврските кон германските партнери кои требало да го градат тркалото би нè чинело 3 милиони евра. Успеавме за истата цена да договориме тој да се догради. Коритото на реката Вардар повторно ќе стане безбеден бидејќи нема да има фундаменти во него. Мислам дека оваа варијанта е добра за граѓаните“, изјави во април градоначалникот Шилегов.
Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014 година. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“ изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.
А. АНТЕВСКА