ПОЧНА ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ СО НОВИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕ ВО СКОПЈЕ

    ПОЧНА ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ СО НОВИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕ ВО СКОПЈЕУлицата Ленинова во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ беше прекрстена во Аминта Трети. (Фото: СДК.МК)

    Почна издавањето лични документи со новите имиња на улиците во Скопје. Откако пред една година, односно лани во март, по предлог на ексградоначалникот Петре Шилегов се вратија старите имиња на улиците и беа избришани личностите од античката историја поставени во времето на ВМРО-ДМПНЕ, сега и официјално одлуката почна да се применува.

    „Министерството за внатрешни работи веќе постапува согласно добиеното известување од Централен Регистар на Република Северна Македонија за имплементирање на  новите имиња на улиците во системот за лични документи. Од минатата недела веќе документите се издаваат според новите имиња“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за внатрешни работи.

    Сега се издаваат лични карти, пасоши и возачки дозволи за жителите на Ленинова која во времето на ВМРО-ДПМНЕ стана Аминта Трети, за Железничка која беше Јордан Мијалков и за 4 Јули наместо за Борис Сарафов. Лични документи повторно се издаваат и за Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други кои исто така беа замените со нови имиња.

    Според листата, улицата Адолф Циборовски сега се вика Горан Стефановски, булеварот ВМРО се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) Славко Јаневски, а улицата 1523 во Кисела Вода се вика Благоја Георгиевски-Буштур.

    Мостот Тодор Александров, популарно наречен мост Близнак, е преименуван во мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода кај „Холидеј ин“ се вика мост Вера Ацева, а новиот мост кој се гради од Аеродром кон поранешен саем ќе се именува во Генерал Михајло Апостолски.

    Новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Обиколница до булевар  Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина, булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од улицата Џон Кенеди до булеварот Босна и Херцеговина се преименува во Мајка Тереза.

    Лани на 29 декември, новиот состав на Советот на Град Скопје проба да ја поништи одлуката донесена во времето на Шилегов и на сила да останат имињата ставени од ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот беше доставен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива. Но, пред точката да дојде на дневен ред беше повлечена по барање на службите од Градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира