ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА БУЛЕВАРОТ 8 СЕПТЕМВРИ, КРСТОСНИЦАТА КАЈ МОМИН ПОТОК ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ НАПРОЛЕТ

    ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА БУЛЕВАРОТ 8 СЕПТЕМВРИ, КРСТОСНИЦАТА КАЈ МОМИН ПОТОК ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ НАПРОЛЕТШилегов кажа дека при крај е проектирањето на големата крстосница кај Момин поток, а градежните ќе стартуваат напролет.(Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со реконструкција на булеварот 8 Септември, на потегот од булеварот Илинден до улицата Скупи. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот, обнова на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри.

    „Реконструкцијата ја почнуваме со тротоарите и велосипедските патеки, а во текот на неделата ќе се префрлиме и на коловозот. Станува збор за релација долга 980 метри, која претставува главна артерија што ги поврзува населбите Карпош 2, 3 и 4 со Злокуќани, Бардовци, Момин Поток и другите населби во северниот дел од градот. Ќе изведеме и нова велосипедска патека, ќе формираме и нов дрворед од околу 100 дрвја, а ќе уредиме и средишна жардиниера“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

    Шилегов кажа дека при крај е проектирањето на големата крстосница кај Момин поток, а градежните ќе стартуваат напролет.

    „Сега го реконструираме овој дел до улицата Скупи, кон крајот на годинава ќе почнеме со проширување на втората фаза на Пластичарска. На пролет ќе стартува реализацијата на големата крстосница каде што се спојуваат овие две улици. Година и половина по стартот на градежните работи ќе немаме никаков  проблем со гужвата во овој дел од градот“, кажа Шилегов..

    За реконструкција на булеварот 8 Септември ќе се вложат 43 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 40 дена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира