ПОЧНА СО РАБОТА ЕКСПЕРТСКА ГРУПА ЗА СПАС НА МОЛИКАТА НА ПЕЛИСТЕР

    ПОЧНА СО РАБОТА ЕКСПЕРТСКА ГРУПА ЗА СПАС НА МОЛИКАТА НА ПЕЛИСТЕРПотребата од формирање на вакво тело произлезе откако во декември 2024 и јануари 2025 година од силни ветришата и вренжи од снег беа оштетени многу моликови дрвја на Пелистер. (СДК.МК)

    Почна со работа експертската група од претставници на надлежни институции по шумарство и екологија, а формирана со одлука на Владата, со цел да изработи конкретни решенија и заклучоци за спас на старата моликова шума на Пелистер.

    Заклучоците од експертската група ќе треба да бидат пратени до Владата најдоцна до август годинава. Потоа ќе следи креирање стратешките документи за од 2027 година да се постапува по нив. Станува збор за изработка на програма за заштита на моликовите насади и студија и програма за обнова и ревитализација на моликовите шуми.

    „Со овие програми ќе треба дополнително да се утврди здравствената состојба на моликовите насади, причините за сушењето и ослабувањето, кои сѐ одгледувачките мерки, со каква динамика и во која временска рамка ќе треба да се применат со цел да имаме ситуација за одржливо управување со ендемитетот. Работната група е формирна со цел решенијата да бидат применливи на територија на цел национален парк“, рече директорот Иванчо Тошевски.

    Заклучоците од експертската група ќе треба да бидат пратени до Владата најдоцна до август годинава.(Фото: СДК.МК)

    Потребата од формирање на вакво тело произлезе откако во декември 2024 и јануари 2025 година од силни ветришата и вренжи од снег беа оштетени многу моликови дрвја на Пелистер. Беше заклучено дека моликовата шума старее и дека на терен има отежнати услови за подмладок.

    Експертите нагласија дека е важно што е можно поскоро да се изработат стратегиите и програмите, да се спроведат на дело за да се заштити шумата во целиот парк.

    „Ситуацијата е комплексна зашто се работи за специфична шума. Никаде на Балканот нема шума од молика на толкави површини, па мора да се изготват студиите за да знаеме детално со што имаме работа за понатаму да можеме да преземеме конкретни мерки за унапредување на ситуацијата“, рече Благој Шурбевски, асистент наФакултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

    Во изминатата година и половина од Националниот парк Пелистер по консултативните средби со експерти и надлежни институции, на околу 100 хектари беа применети одгледувачки мерки, овозможувајќи ѝ простор и светлина на моликата да се шири и подмладува. Беа отстранети заболените и исушени стебла, па се стабилизира шумски еко систем.

    Експертите нагасија дека е важно што е можно поскоро да се изработат стратегиите и програмите, да се спроведат на дело за да се заштити шумата во целиот парк.(Фото: СДК.МК)

    Воедно, моликата како пионерски вид се проширува на отворени простори, па најчесто на југо-источната страна од Баба планина забрзано расте подмладок. Барајќи слободен простор не само што се искачува кон врвовите туку ги зафаќа и камењарите, односно камените реки-морените кои се исто така значајна одлика поради кои Пелистер е прогласен за Национален парк.

    „Моликата се шири забрзано и на камењарите. Онаму каде до пред 30-тина година освен гранит ништо друго не се гледаше, сега се простори кои почнуваат да ги зафаќаат моликите’, беше кажано на средбата на работната експертска група.

    Во иднина ќе треба да се изнајде начин да се зачуваат и моликите и камењарите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Подкаст со Иванчо Тошевски, директор на националниот парк „Пелистер“:

     

     

     

    *Оваа содржина е поддржана со грант од Алијансата за новинарство и наука (Journalism Science Alliance)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира