ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО РАСАДНИК, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЃОРЃИЕВСКИ ВЕТИ ДЕКА НИКОЈ ВЕЌЕ НЕМА ДА ГРАДИ НА ОПОЖАРЕНИ ПОВРШИНИ

    ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО РАСАДНИК, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЃОРЃИЕВСКИ ВЕТИ ДЕКА НИКОЈ ВЕЌЕ НЕМА ДА ГРАДИ НА ОПОЖАРЕНИ ПОВРШИНИПожарот зафати голема овршина од Расадникот, а по локализирањето се прават појаси за поголема заштита. (Фото: СДК.МК)

    Под контрола е ставен големиот пожар што доцна попладнево го зафати Расадникот во скопска Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој живее во близина на Расадникот, заедно со противпожарната бригада на градот Скопје учествувал во гасењето. Тој рече дека сега се прават појаси за поголема заштита и апелираше да не се крева паника бидејќи ситуацијата е под контрола. Четири часа по избувнувањето и интервенцијата на пожарникарите, на места сè уште чади и спорадично се појавуваат пламени.

    Ѓорѓиевски вети дека никој повеќе нема да гради без план на опожарени површини.

    „Неколку засегнати граѓани кои заедно со мене се бореа против урбанистичко дивеење, гледам по одредени свои реакции, исплашени се да не е пожарот намерен и тенденциозен за да подоцна некој гради згради, како во некои други времиња. Можам да истакнам и да гарантирам дека моја заложба беше да се поништи штетниот ДУП за Расадник со 99 згради и да се објави меѓународен конкурс и транспарентно Општината го води процесот, така шшто, ниту еден пожар, ниту една било каква непогода, не може да влијае против мојата намера граѓаните заедно со експертите да го креираат и изберат новиот ДУП“, објави Ѓорѓиевски на својата фејсбук страница.

    Расадникот во Кисела Вода е најголемата и последна зелена површина од тој размер која е на само 2 километра од центарот на Скопје. Пожарот зафати голема површина, а бидејќи брзо се ширеше стигна и близу зградите вдолж работ.

    Лани на 21 ноември, беа претставени конкурсните решенија кои стигнаа на меѓународниот конкурс за уредување на неизградениот простор кај Расадник кој го распиша Општина Кисела, а со кои за 80 отсто е намалена станбената површина од претходниот Детален урбанистички план (ДУП) кој предвидуваше изградба на сто висококатници и прилив на 20.000 нови жители. Како што кажаа тогаш претседателот на жири -комисијата и декан на Архитектонскиот факултет Огнен Марина и градоначалникот Ѓорѓиевски, сите пет пристигнати решенија ќе се земат предвид при носење на новиот Детален урбанистички план (ДУП), бидејќи ги препознале насоките за хуман живот во овој дел. Особено се издвојуваат двете првонаградени решенија и тоа едното на архитекти од Грција, а другото на архитекти од Хрватска. Третонаграденото решение е од Литванија, а решението на студентите од нашиот Меѓународен балкански универзитет е откупено од Општината.

    Општина Кисела Вода тогаш најави дека на почетокот на годинава ќе го почне процесот за изработка и донесување на новиот ДУП, по што точно ќе се знае како ќе биде уреден просторот и што ќе се гради.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира