Реално сум спремен, иако имам дел критики и дома и во јавноста, на спомен-плочите поставувани по Втората светска војна каде што пишува „бугарски фашистички окупатори“ да остане „фашистички окупатори“, рече премиерот Зоран Заев денес од Битола.
„Тоа е во духот на пријателството и треба да внимаваме, како што една Полска и Германија го решиле тоа , како што една Франција и Германија или нордиските земји со Германија. Зборуваат за фашизмот како појава за да не се појави, но гледаат низ призмата и зборовите на пријателството. Тоа е европската иднина, тоа се европските зборови“, рече Заев.
Додаде дека секојдневно претставниците на власта во земјава дејствуваат за скратување на говорот на омраза кон пријателска Бугарија кон која рече, „немаме никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија, таман работа, пренесовме доверба комплетна нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо“.
Во однос на тоа што Словачка и Чешка ги блокираа заклучоците за проширувањето на Западен Балкан во Советот на ЕУ, бидејќи не се согласуваат со текстот во нацртот кој се однесува на Северна Македонија, Заев рече дека е среќен што останало европско во ЕУ.
„Верувам дека треба да продолжиме со Бугарија да правиме напори како што ме охрабрија неколку земји во Европската Унија, зборувам како Зоран Заев предводник во македонското општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде во душата и срцето на Балканскиот Полуостров, среќен сум што сѐ уште останало европско во Европската Унија преку овие чекори што се преземаат во последните денови, за нас ЕУ е светост. Нашата европеизација ја сакаме со постигнување на европски вредности дома, и тоа ќе го правиме со или без блокади, друга алтернатива немаме“, рече премиерот.
Тој денес присуствуваше на промоцијата на шесте нови еколошки автобуси во РЕК за транспорт на вработените, инвестиција на ЕСМ вредна 1,4 милиони евра. Автобусите работат на природен гас метан и нема да ја загадуваат животната средина. Со нив се заменија старите автобуси кои на времето беа набавени половни и многу загадуваа. Кога нема да возат вработени, ќе можат да се користат за превоз на ученици, спортисти, здруженија, пензионери. Воедно, беше најавено дека се разговара со Џенерал Електрик Инвестмент за инвестија на 800 мегаватна гасна електрана во Битола вредна 400 милиони евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА