ПОЛА БИТОЛА БЕЗ МАСКИ, А ЗА НЕНОСЕЊЕ ИЗРЕЧЕНА САМО ЕДНА КАЗНА ОД 20 ЕВРА 

    ПОЛА БИТОЛА БЕЗ МАСКИ, А ЗА НЕНОСЕЊЕ ИЗРЕЧЕНА САМО ЕДНА КАЗНА ОД 20 ЕВРА Полицијата не казнува за неносење маска и групирање повеќе од двајца заради заштита од коронавирусот, иако главнината битолчани се недисциплинирани и не ги почитуваат овие мерки. (Фото: СДК.МК)

    Иако  голем дел од битолчани не носат маски заради заштита од коронавирусот, досега само на едно лице од Битола му е изречена прекршочна пријава за неносење маска и ќе треба да плати казна од 20 евра. Со топлото време, битолчани ги наполнија парковите, како и клупите низ центарот на градот. Некои носат маски, но побројни се оние кои не ја почитуваат уредбата за носење заштитна опрема. Посебно недициплинирални се младите, кои се групираат по парковите без маски.

    „Од дома излегувам со маска, зашто моите родители постојано ме советуваат да се заштитувам, но кога ќе се сретнам со другарките во паркот ја вадам маската. Ни една од нив не носи маска. Доколку ја носите чудно ве гледаат, а некогаш и ве исмејуваат“, вели тинејџерка од Битола која сакаше да остане анонимна.

    Заштитни маски претежно носат повозрасните додека се во банки или по маркети, а по излегувањето дел ги симнуваат од лицето дури и тогаш кога се на Широк Сокак каде понекогаш има метеж, па тешко е да се обезбеди потребната дистанца од два метра.

    Редовни посетители по парковите се пензионерите. Меѓу нив има битолчани кои дури и пешачат со маска на лицето, а и други кои ни рекоа дека заштитата не е за нив зашто тие „дале-зеле“.

    Во дел од маркетите строго се почитуваат правилата и нема влегување со маска. Но, има и такви каде купувачите слободно си влегуваат без заштитна опрема на лицето и не држат дистанца од два метра. Во продавниците честопати може да се чуе како некој од купувачите прекорува друг зашто не е заштитен и не држи дистанца, а овој другиот одговара дека не верува во коронавирустот зашто не познавал никој што е заболен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира