ПОЛИЦИЈАТА Е ВИНОВНА ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ТЕТОВО ОТИ НЕ КАЗНУВА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ

    ПОЛИЦИЈАТА Е ВИНОВНА ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ТЕТОВО ОТИ НЕ КАЗНУВА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИТетовската плиција вели дека годинава изрекла вкупно 5.148 мерки за непрописно односно погрешно паркирање на возила. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами упати остри критики до тетовската полиција велејќи дека таа е виновна што во градот владее сообраќаен хаос. Вели дека улиците и тротоарите се преполни со непрописно паркирани возила, додека паркинзите во градот се полупразни.

    „Во Тетово секојдневно владее хаос, а хаосот е во сообраќајот каде возилата се паркираат секаде додека, како што може да се забележи, полицијата ја нема никаде. На места каде има обезбедено паркинзи гледаме дека тие се полупразни, додека возилата се паркирани на улици или тротоари. За жал МВР, односно сообраќајната полиција, не си ги врши своите работи. Со месеци немаме координација меѓу Општината и полицијата за да ги реализираме нашите обврски за да имаме уреден и регулиран сообраќај во градот“, вели Касами.

    Градоначалникот се пожали дека, поради хаосот во сообраќајот, крајно отежнато се одвива градскиот превоз, како и работата на комуналните служби.

    „Најпроблематично е со јавниот транспорт. Како што може да се забележи, автобуските постојки се блокирани од погрешно паркирани возила, а автобусите се принудени да застануваат на улица за да се качат или да се симнат патниците. Исто така, и камионите за собирање смет од контејнерите не можат да пристапат до нив зошто пред контејнерите има паркирано возила. Затоа ја повикуваме сообраќајната полиција, без политички калкулации, да си ги врши своите обврски во кординација со Општината за да имаме регулиран сообраќај и да имаме уреден град. Еве, на улицата кај пазарот имаме најтесно грло во сообраќајот во градот поради големиот број непрописно паркирани автомобили на улицата, додека веднаш тука стои паркинг кој е полупразен. Ова кажува дека не се работи само за потреба од дополнителни паркинг места во градот, туку дека се работи за неинтервенирање на полицијата, невршење на нивните надлежности во делот на регулирањето на сообраќајот“, посочи Касами.

    Наспроти ова, од СВР Тетово велат дека си ја вршат работата и излегоа со бројки на казнети возачи поради непрописно паркирање на тетовските улици.

    „Во изминатите 11 месеци од оваа година, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово изрекле вкупно 5.148 мерки за непрописно односно погрешно паркирање на возила во Тетово. Најголемиот број од изречените мерки се однесувале на паркирање во таканаречени двојни редови, во зона на крстосници, тротоари и на други недозволени места, претежно во централното градско подрачје. Покрај ова, во периодот за кој станува збор тетовската пајак-служба подигнала вкупно 3.767 погрешно паркирани возила, кои најдиректно го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници на сообраќајот, возила, пешаци и слично. На сите погрешно паркирани возачи изготвени им се предвидените поднесоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, најчесто и најмногу со парични глоби кои се движат од 35 до 180 евра во денарска противвредност, зависно од тоа каде и како биле паркирани“, соопшти СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира