ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ ЗАШТО НЕ ГО ОБЕЗБЕДИЛ РЕЗЕРВОАРОТ СО ВОДА КОЈ Е ОД ВИТАЛНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ГРАДОТ

    ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ ЗАШТО НЕ ГО ОБЕЗБЕДИЛ РЕЗЕРВОАРОТ СО ВОДА КОЈ Е ОД ВИТАЛНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ГРАДОТПред една недела, претпријатието „Водовод“ претрпе големи загуби од вода, при што беше испразнат и овој резервоар, за да може да се санира дефект на една од главните водоводни артерии на градот која беше скината при инфраструктурна реконструкција на улицата Стив Наумов. (Фото: СДК.МК)

    Битолската полиција до Основното јавно обвинителство (OJO) поднесе кривична пријава против Пеце Милевски, актуелен директор на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“. Тој воедно е и лидер на Општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ во Битола.

    Според полицијата, директорот несовесно постапил во извршувањето на своите должности и овластувања на тој начин што не обезбедил задолжителен видеонадзор и физичко обезбедување во резервоарот на ЈКП „Водовод“ кај месноста Овчји Баир, како објект од категорија која е од витално значење за безбедноста на здравјето и животот на граѓаните согласно член 4 од одлука на Владата за определување на правни лица кои се должни да имаат приватно обезбедување. Во повеќе наврати за тоа му било укажувано и од вработените во објектот.

    Пред една недела, претпријатието „Водовод“ претрпе големи загуби од вода, при што беше испразнат и овој резервоар, за да може да се санира дефект на една од главните водоводни артерии на градот која беше скината при инфраструктурна реконструкција на улицата Стив Наумов. За да се испразни резервоарот низ градот беа отворени повеќе хидарнти и водата се излеваше низ улиците. Половина Битола и делови од општините Могила и Новаци со часови беа оставени без водоснабдување. Милевски тогаш изјави дека цевката ја скинала приватна фирма, а таа другиот ден демантираше.

    Полицијата денес му поднесе и кривична пријава за злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што потребата од пополнување на систематизираните работни места не ја обезбедил преку јавен оглас, туку со ангажирање работници преку агенција за привремени вработувања по основ на зголемен обем на работа на определено време. На тој начин тој постапил спротивно на чл.22 од Законот за работни односи и чл.20-а, 20-б, 20-в, 20-г, 20-д од Законот за вработени во јавен сектор.

    „Во случајот работните места се испразнети, не се пополнети, сите систематизирани, па според тоа не можел да ангажира лица од агенција за привремени вработувања. Пријавениот, одредени вработени во континуитет ги овластил да извршуваат дополнителни работни задачи подолго од два месеци што е спротивно на чл.10 од Колективниот договор за комунални дејности, по што им исплаќал додаток на плата за работна успешност без притоа да бидат запазени критериумите утврдени во чл. 83 и 84 од Колективниот договор“, се вели во соопштението на СВР Битола.

    На почетокот на годината, Милевски се соочи и со други кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување. И тој се сомничеше дека реализирал три службени патувања во странство со службено возило на ЈКП „Водовод“, патувајќи со лица кои не се вработени во претпријатието. Исто така, тој како одговорно лице во текот на 2022 примил фактура во износ од 20.088 денари од овластен сервис за поправка на службеното возило, која била наплатена од сметката на ЈКП „Водовод“, иако возилото било каско осигурано. Милевски тогаш изјави дека обвинувањата се неосновани и дека целиот случај има политичка позадина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира