ПОРАДИ СУШАТА, ДЕЛ ОД РОДОТ НА ПРАСКИТЕ ВО РОСОМАН ОСТАНА ФРЛЕН ПО ПОЛИЊАТА

    ПОРАДИ СУШАТА, ДЕЛ ОД РОДОТ НА ПРАСКИТЕ ВО РОСОМАН ОСТАНА ФРЛЕН ПО ПОЛИЊАТА

    Наместо на пазар и на трпезите, дел од праските од Росоман завршија в поле, фрлени како смет. Откако поради долгиот сушен период беа без вода родот бил неквалитетен за продажба, па дел од овоштарите праските ги фрлија оти велат не биле за јадење.

    „Десетина сушни денови, без капка вода, беа причина родот да омекне и праските по дрвата да се сушат. Вакви никој не ги сака, па моравме да ги фрлиме по полињата. Не знам што ќе правиме до крајот на јули, до кога владата вети дека ќе го поправат хидросистемот ‘Макарија’“, вели овоштар од Росоман.

    Овој крај е најголем одгледувач на праски во земјава. Хаваријата на хидросистемот се случи на 27 мај, работите на санација започнаа околу 15 јуни, а завршувањето е најавено за крајот на јули.

    Дел од овоштарите од овој крај спас бараат со копање бунари, од каде ги полеваат овоштарниците. Поради немање вода за полевање за 4-5 илјади хектари во регионот на Росоман и Градско, на чиј крак до системот „Макарија“ се случи хаваријата, се случи расадот на домати и пиперки од Сирково, еден од најголемите одгледувачи на градинарски култури, да се фати само со 5 отсто од засаденото.

    Но, освен сушата проблем е и пласманот на овошјето. Наспроти најавите од владата две седмици за пласман во Украина откако пазарот од Русија со економски санкции е затворен за македонските праски, досега одгледувачите од Росоман не добиле понуда за извоз на праската на украинскиот пазар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира