На вонредна седница на Советот на Општина Битола денес беше одлучено возењето со јавниот градски превоз во Битола да биде бесплатено, како мерка за се намали загадувањето. Ова беше предлог на градоначалничката Наташа Петровска кој беше прифатен од превозниците, на кои трошокот ќе им го субвенционира Општината.
„Граѓаните ќе се информираат преку веб страната на Општина Битола, секое утро после шест часот ќе има известување дали во тој ден можат да користата бесплатен градски превоз во зависност од тоа дали концентрациите на ПМ10 честички се поголеми од 100 микрограми на метар кубен“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.
Одлуката за бесплатен линиски градски превоз ќе важи до 31 јануари идната година.
Покрај ова, се побара од Министерството за образование дозвола за скратување на часовите во основните и средните училишта поради загадениот воздух. Ќе се испрати и повик да се интензивираат полициските контроли за движење на тешки товарни возила во центраот на градот.
Одлуката за субвенционирање на јавниот превоз беше едногласно прифатена од сите советници, иако од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ваква мерка била преземена и во Скопје, но не дала ефекти.
„Ние предлагаме субвенционирање на јавниот превоз во шпицовите на сообраќај, секојдневно и во зима и во лето сè до донесување на нова сообраќајна студија и сет на мерки кои ќе доведат до намалување на бројот на патнички моторни возила кои транзитираат низ централното градаско јадро. Опремување на сите кабинети во средните и основните училишта во кои се одвива настава во Општина Битола со прочистувачи на воздух, околу 300 кабинети. Набавка на маски за сите ученици. Бесплатен превоз до зимските центри Ниже Поле и Копанки за време на викенди, а во текот на распустот тоа да биде секојдневно“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА