СО ПОШУМУВАЊЕ ДА СЕ ВРАТИ ИЗГОРЕНОТО БЕЛОДРОБНО КРИЛО НА БИТОЛА, БАРААТ ЕКО АКТИВИСТИТЕ

    СО ПОШУМУВАЊЕ ДА СЕ ВРАТИ ИЗГОРЕНОТО БЕЛОДРОБНО КРИЛО НА БИТОЛА, БАРААТ ЕКО АКТИВИСТИТЕРегионалното географско друштво „Геосфера“ предлага за пошумување со иглолисна шума на Снеговско-Облаковскиот масив, над обиколницата во Битола, каде шумата изгоре во големиот пожар во 2007 (Фото: СДК.МК)

    На Битола да ѝ се врати едното белодробно крило кое го изгуби за време на пожарите пред десет години, предлага регионалното географско друштво „Геосфера“ кое веќе изврши мапирање на загадувачите во Битола. Станува збор за пошумување со иглолисна шума на Снеговско-Облаковскиот масив, над обиколницата во Битола, каде шумата изгоре во големиот пожар во 2007. Друштвото подготви листа со сериозни предлози за намалување на аерозагадувањето во Битола и ги достави до Општина Битола, со која веќе потпиша договор за соработка.

    „Геосфера“ предлага да се направат коридори од иглолисни дрвја, паркови, тампон зони со дрвја кај јагленокопот на РЕК, да се засадат иглолисни лилјани покрај реката Драгор, па и поставување дрвореди на паркинзите, кои во најголем дел се без ниту едно дрво. Со ова сметаат дека ќе се внесе свеж воздух во градот под Пелистер.

    Покрај пошумувањето, предлагаат Битола да добие уште неколку пешачки зони освен Широк Сокак. Меѓу нив да бидат Булеварот 1-ви Мај и улицата Никола Тесла.

    До конечното гасифицирање на градот, како трајна мерка за решавање на аерозагадувањето од оџаците на домаќинствата и институциите  се предлага инсталација на водени филтри на котлите на мазут кои користат огревно дрво или јаглен.  Достава на сертифицирано огревно дрво со низок процент на влага. Ваквото огревно дрво загадува трипати помалку од останатото дрво, а за негова набавка да се субвенционираат и социјално загрозените домаќинства кои ги има околу 900. За тоа ќе треба да се предвидат околу 100.000 евра.

    Како контаминирано подрачје од загадувањето на РЕК, Битола да  достави барање за субвенционирана струја по моделот 20 проценти намалување на сметките до износ од 5.000 денари месечно. По груба пресметка, според бројот на домаќинства на годишно ниво би биле потребни меѓу три и четири милиони евра. Истовремено да се изврши прописно одлагање на пепелта во РЕК по сите светски стандарди, подобрување на капацитетот на електростатичките филтри поради високите концентрации на суспендирани честички од нецелосното согорување на нискокалоричниот лигнит и  набавка на соодветни филтри за апсорпција на тешки метали. Според извршените мерења од 2011, РЕК „Битола“ имал најголеми годишни емисии на тешки метали од сите капацитети во Македонија.

    „Геосфера“ препорачува набавка на околу 900 прочистувачи на воздухот за затворени простории за сите детски градинки, училишта, домови за стари лица и здравствени установи во општина Битола. Тоа би чинело околу 130.000 евра.

    И на крај, бидејќи Општината има само еден инспектор за животна средина, потребно е вработување на барем уште еден овластен инспектор.  Ова е прва сеопфатна листа со мерки кои можат да придонесат за намалување на загадувањето во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира