ПОСКАПЕ ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО КУМАНОВО, СТАРТОТ ЌЕ ЧИНИ 100 ДЕНАРИ

    ПОСКАПЕ ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО КУМАНОВО, СТАРТОТ ЌЕ ЧИНИ 100 ДЕНАРИСтартот на возењето ќе се зголеми за 20 денари и ќе изнесува 100 денари, во што се вклучени два километри. Секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари.(Фото: СДК.МК)

    Ќе се зголеми цената на такси превозот во Куманово, откако Советот на Општината на последната седница го прифати барањето на такси превозниците за корекција на цената на услугата.

    Со новата одлука, стартот на возењето ќе се зголеми за 20 денари и ќе изнесува 100 денари, во што се вклучени два километри. Секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари.

    Раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг-Спасовска, рече дека барањето на такси превозниците трае подолго време и се темели на зголемените трошоци за работа, пред сè поради минималната плата и цената на горивата.

    „Од тие причини сметаме дека нивното барање е оправдано и затоа цената ќе биде 100 денари за првите два километри, а секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари. Досега беше 80 денари старт и 40 денари по километар“, кажа Ланг-Спасовска.

    Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, рече дека имале средба со превозниците, кои барале повисоки цени, но било постигнато решение што е најприфатливо за граѓаните.

    „Покачувањето е многу помало од тоа што го бараа превозниците кое беше околу 30 отсто. Ова што Општината го предложи е најприфатливо за граѓаните. Јас мислам дека со овие цени и таксистите ќе можат да си обезбедат пристојна плата“, кажа Ѓорѓиевска.

    Таа додаде дека сè уште има таксисти кои работат на црно, што претставува нелојална конкуренција за лиценцираните превозници, и повика сообраќајната инспекција да ја санкционира оваа појава.

    С.НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира