ПОСКАПЕ ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО КУМАНОВО, ТАКСИСТИТЕ ОЧЕКУВААТ ПОВИСОКА ЦЕНА

    ПОСКАПЕ ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО КУМАНОВО, ТАКСИСТИТЕ ОЧЕКУВААТ ПОВИСОКА ЦЕНАДосега такси цената беше по 50 денари за возење до 2 километри, а сега ќе чини 60 денари и за секој нареден километар по 30 денари, а таксистите бараа покачување на 70 денари, односно 35 денари километар (Фото: СДК.МК)

    Такси услугата во Куманово се зголеми за 10 денари старт и 5 денари за километар. Досега беше по 50 денари за возење до 2 километри, а сега ќе чини 60 денари и за секој нареден километар по 30 денари.

    Корекцијата на цената уследи откако пред неколку месеци Здружението на таксистите од Куманово побара од Советот на Општината да се зголеми такси услугата на 70 денари, односно 35 денари километар.

    „Веќе во неколку наврати Здружението на такси превозниците во Куманово побара зголемување на цената на такси превозот, како на стартната така и на цената по километар. Тие сметаат дека десетина години не е променета цената, а во меѓувреме постојано се покачува цената на горивото, зголемени се и другите давачки, поради што немаат економска исплатливост да вршат такси превоз. Од друга страна, сметаме дека во услови на намалена економска моќ на нашите граѓаните и кога се залагаме за зголемена еколошка свест на учесниците во сообраќајот, некоректно е во толкав процент да ја зголемиме цената која тие ја бараа. Советот донесе на прв поглед компромисна, но во суштина реална одлука и цената од 60 денари е оптимална цена на чинење на такси превозот во Куманово“, рече претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска.

    Поради ниската цена на такси услугата, како и недостаток на возачи, последните година-две бројот на такси возила во градот се сведе на минимум. Граѓаните коментираат дека во Куманово да добиеш такси превоз е исто како да добиеш седумка на лото. Се жалат дека такси не можат да најдат и по еден час, а сè почесто централите на компаниите се исклучени и не се јавуваат на повик.

    Од Општина Куманово велат дека од почетокот на годината до сега се лиценцирани само педесетина возила, а минатите години имало над 300 легални таксисти. Сега граѓаните ги опслужуваат само стотина возила, а половина од нив возат на диво, без фискални апарати, во запуштени, валкани и стари автомобили. Тие се нелојална конкуренција и на градскиот превоз, бидејќи возат по тројца- четворица патници за по 20 денари колку што чини и билетот.

    Таксистите сметаат дека и покрај новото зголемување на цената на услугата состојбата допрва ќе се влошува, а трендот на откажување од бизнисот продолжува. Сопственикот на една од најголемите и најреномираните компании во градот ни изјави дека тој од Нова година ги повлекува возилата од улица и повеќе нема да се занимава со оваа дејност бидејќи е неисплатлива.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира