ПОСТАВЕНИ ВАЛИДАТОРИ НА ЗАДНАТА ВРАТА НА АВТОБУСИТЕ ВО СКОПЈЕ, МЕСЕЦОВ ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ И БИЛЕТ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ

    ПОСТАВЕНИ ВАЛИДАТОРИ НА ЗАДНАТА ВРАТА НА АВТОБУСИТЕ ВО СКОПЈЕ, МЕСЕЦОВ ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ И БИЛЕТ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕОд ЈСП „Скопје“ велат дека со поставувањето на валидатори на задна врата, ќе се овозможи побрз проток на патниците и намалување на гужвите на предната врата. (Фото: СДК.МК)

    Во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници се поставуваат валидатори и на задната врата. Валидатори досега се поставени на 145 автобуси. Поставувањето на валидаторите е во рамките на договорот кој ЈСП „Скопје“ го склучи со „Македонски Телеком“, со кој се предвидување меѓудругото воведување и на билет за едно возење и апликација за паметни телефони.

    „Со поставувањето на валидатори на задна врата, ќе се овозможи побрз проток на патниците, намалување на гужвите на предната врата, а со тоа и скратување на времето за стоење на автобусите на постојките“, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.

    Од ЈСП „Скопје“ велат дека месецов во јавниот превоз ќе се воведе и билетот за едно возење. Цената на билетот ќе биде 50 денари, а патниците ќе можат да го купат и во автобусите.

    „Останати цени на билетите остануваат исти, се воведува само нова услуга – билет за едно возење кој е повеќе од потребен за граѓаните кои ретко се возат со автобус, на оние од внатрешноста и на туристите“, додава Чушков.

    Во рамките на договорот за надградба на системот за електронска наплата се изработува и нова андроид апликација за паметни телефони, со чиешто користење граѓаните ќе можат сами да ја надополнуваат картичката „Скопска“, но и постојано да имаат увид колкава сума имаат на нивната сметка.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари