„ПОВАРДАРИЕ“ СО КРИВИЧНА ПРОТИВ ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЗА РЕКЕТ ПРЕД ИЗБОРИ

    „ПОВАРДАРИЕ“ СО КРИВИЧНА ПРОТИВ ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЗА РЕКЕТ ПРЕД ИЗБОРИСпоред кривичната пријава, ексминистерот за земјоделие Михаил Цветков им ветил на претставниците на „Повардарие“ дека Министерството за финансии нема да поведе постапка за наплата на долгот на винаријата. и поради тоа, парите можат да се пренаменат за откуп на грозје. (Фото: МИА/архивска фотографија)

    Винарската визба „Повардарие“ поднесе кривична пријава за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања против поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков, ексзаменикот министер Ванчо Костадиновски и бившиот заменик министер за економија Кристијан Делев, кои, според пријавата, побарале од „Повардарие“ да откупи повеќе грозје од потребното пред изборите на 11 декември минатата година.

    Како што стои во пријавата поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје, претставници на подносителот на пријавата биле повикани на состанок од пријавените во просториите на Министерството за земјоделство и од пријавените им било укажано дека за нив било многу важно да им се откупи грозјето на лозарите поради претстојните избори, иако од страна на претставниците на винаријата било кажано дека немаат потреба од поголема количина на грозје. Пријавените, исто така, ветиле дека Министерството за финансии нема да поведе постапка за наплата на долгот на винаријата и кажале дека околу еден милион евра, место за исплата на долгот кон Царинската управа, може да се употребат за откуп на поголема количина на грозје.

    Бидејќи ветувањето било дадено од функционери и верувајќи им, винаријата откупила 23 милиони килограми грозје, иако објективно немала потреба од толкава количина. Но, по откупениот род, следело поведување на стечајна постапка од страна на Министерството за финансии.

    „Исто така, до ден денес не се исплатени субвенциите кои по закон и следуваат на винарницата и кои биле ветени од страна на пријавените“, велат од винаријата.
    Со цел да избегне стечај, винарската визба морала да го намири долгот кон царинската управа. Со сето тоа, стои во пријавата, пријавените со лажно прикажување на факти, создале погрешна претстава и ја довеле во заблуда винарницата.
    „На ваков начин пријавените презеле измамничко дејство и го навеле подносителот да стори нешто на штета на својот имот“, стои во пријавата од две и пол страници.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира