Големиот пожар кој околу пладне избувна на влезот од Велес, од правец на Скопје се прошири кон езерото Младост. Гори борова шума и сува трева. Од Центарот за управување со кризи велат дека очекуваат да пристигнат армиски хеликоптери, кои треба да помогнат во гаснењето на пожарот.
Од Општина Велес апелираат граѓаните да не се движат во близина на опожарените појаси околу Езерото, а возачите кои минуваат на автопатот Велес-Скопје, кај патарина Отовица, внимателно да управуваат со возилата бидејќи поради чадот е намалена видливоста на коловозот и го попречува безбедното одвивање на сообраќајот.
Во моментот екипи на противпожарната служба од Велес и ЈП „Национални шуми” – Подружница ШС „Бабуна”, се излезени на терен. Локалната власт ги советува жителите на населбата Отовица да обезбедат противпожарни апарати и лопати за заштита од пожарот и да внимаваат на својата безбедност.
П. ПЕЧКОВ