ПРЕД 150 ГОДИНИ ПРВИОТ ВОЗ ВО ВЕЛЕС БИЛ ЧУДО, ДЕНЕС НИКОЈ НЕ СЕ ЧУДИ ШТО ДЕСЕТ ДЕНА НЕМА ВОЗОВИ

    ПРЕД 150 ГОДИНИ ПРВИОТ ВОЗ ВО ВЕЛЕС БИЛ ЧУДО, ДЕНЕС НИКОЈ НЕ СЕ ЧУДИ ШТО ДЕСЕТ ДЕНА НЕМА ВОЗОВИПрвиот воз од Солун пристигна во Велес, на 9 април 1873, а 150 години подоцна возовите смеат да возат со 20 км/час оти пругата не е безбедна. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие „Македонски железници“ одбележува голем јубилеј, 150 години откако првиот воз од Солун пристигна во Велес, на 9 април 1873 година. Така започна историја на железничкиот сообраќај во земјава, кој пак, изминативе десет дена е во прекин. Десетина дена штрајкуваат машиновозачите и машинскиот персонал, барајќи ја втората половина од февруарската плата, ноќни додатоци за кондуктерите.

    Една седмица пред штрајкот, „Македонски железници – Инфраструктура“ ја ограничи брзината на возовите на релацијата Скопје – Велес и обратно на 20 км/ч. Поради тоа се патува два наместо еден час. Остана запишан случајот дека лани патниците од Скопје до Битола се возеа 10 часа.

    Велешката Железничка станица е најстара во Македонија (од лево кон десно): еден од првите возови кој пристигна во 1873; станицата во 1921; железничката во 1930-те; во старата станица зимата 1939. (Архивски фотографии)

    Причината што стапи на сила ограничување на железничкиот превоз, дури деновиве пред одбележувањето на јубилејот јавно ја соопшти директорот на „Македонски железници – Инфаструктура“, Хари Локвенец. Тоа е лошата состојба на еден дел од таа пруга, но и безбедноста на патниците кои се превезуваат по неа.

    „После 10 години имавме машинско мерење на квалитетот на железничката пруга и врз база на добиените информации, инженерите не посоветуваа за намалување на брзината на 20 км/ч. Тоа е одлука заради безбедноста и сигурноста на патниците во железничкиот сообраќај, на делницата Скопје – Велес. Имаме и железнички прагови кои се постари од половина век и не се променети. Тоа бара целосна рехабилитација на пругата, која бара квалитетни изведувачи, квалитетна техника и квалитетен кадар, но и финансии. Ние извештајот од мерната кола сè уште го немаме добиено како официјален документ и затоа одлуката е заради пресретнување на можен проблем. Владата подготвува програма, поголема инвестиција за рехабилитација на пругата“, кажа Локвенец.

    Тој зборуваше и за изградба на брза пруга на Коридорот 10 Табановце – Гевгелија, за што се залагаат и соседите и ЕУ.

    „Коридорот 10 е по долина на реката Вардар. Проблем се кривините, кои ја определуваат брзината на железничкиот сообраќај. На оваа делница токму поради тоа не може да се зборува за брза пруга. За да имаме брза пруга, потребно е коридорот да се помести 10 км источно, за да биде трасиран во Овче Поле и таму ќе имаме брза пруга. Би требало да биде од Миладиновци до Миравци, проценета цена на оваа инвестиција е 4 милијарди евра“, рече Локвенец.

    Чудото од парна локомотива, која чурела и стигнала пред маса народ пред 150 години, кај повеќето велешани тогаш предизвикала радост, кај некои и страв од големата железна машина, иако таа повеќе ползела отколку што возела. (Архивски фотографии)

    Ова јавно претпријатие е во долг од 26 милиони евра, додека АД „Македонски железници – Транспорт“ е во долг до 70 милиони евра, меѓу најголемите државни загубари, кое поради неплатени сметки за струја годинава, неколку дена остана без струја.

    Освен што железничкиот сообраќај е во застој со денови, Македонија е меѓународно железнички изолирана, нема ниту еден патнички воз кој сообраќај со соседството, ниту со Србија, ниту со Грција, ни со Косово.

    Велешката железничка станица е најстарата во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Откако во Велес стигнал првиот воз во Македонија, уште во 1873 од Солун, оттогаш велешани со воз патувале до големите европски градови, За ова се присетува Благој Пљаков, пензиониран железничар, кој работниот век го минал на шалтерот каде cе купувале билети.

    „Имаше возови од Атина за Дортмунд, Венеција, Париз, Трст, Минхен. Тоа беа директни линии, а велешани патуваа, ја користеа оваа можност. Не можам точно да кажам колку билети се продаваа, но се купуваа и се патуваше. Посебно до Трст со групна карта, како извидници и феријалци, со голем попуст за билетот. Пазареа на Понте Росо, возот таму стигнуваше во 8 часот, цел ден остануваа таму и навечер назад. Тоа беше во втората половина од 1970-тите и во 1980-тите. Се купуваа билети и до Солун и до таму велешани патуваа често, на шопинг, исто како за Трст. Со воз масовно се патуваше секој четврток и до Кочани на пазар, и се купуваше ориз, за домашни потреби“, – вели Пљаков.

    Тој се присетува дека за Трст се патувало најмногу во петок, а велешани се враќале назад во недела, додека за Солун исто така во петок, а се враќале во сабота.

    Иако Македонија не е поврзана со меѓународни патнички возови, минатото лето, по македонските пруги мина ексклузивниот патнички воз „Дунав експрес Венеција-Истанбул-Венеција“, луксузен хотел на шини. Тој се состоеше од 14 патнички коли, вагони за спиење, вагони за јадење. Со него патуваа 60 патници, повеќето Американци, кои допатувале со авион до Венеција, и со возот патуваа до Истанбул. Од таму нова група од 60 патници исто така Американци се возеше 12 дена до Венеција. Цената на билетот беше од 14.400 до 30.000 евра, за супер делукс кабини. Годинава е превидено исто така има едно патување во октомври, но не е извесно дали ќе се одржи, поради постојното ограничување на брзината на делницата Скопје – Велес.

    Освен што железничкиот сообраќај е во застој со денови, Македонија е меѓународно железнички изолирана, нема ниту еден патнички воз кој сообраќај со соседството, ниту со Србија, ниту со Грција, ни со Косово. (Фото: СДК.МК)

    Во 150-годишното постоење, останува запишано дека Македонија, поточно „Македонски железници“ го има најдолгиот железнички тунел на Балканот. Тоа е Буковиќ, долг 7.062 метри под планината Буковиќ. Се наоѓа на железничката линија Гостивар – Кичево, помеѓу селата Падалиште и Зајас, изграден при крајот на 1960-тите години. На истата оваа делница се наоѓа и најдолгиот и највисокиот железнички мост, Србиновски Мост кај Падалиште.

    Поради неквалитетот на услугите на „Македонски железници“, од година в година опаѓа бројот на патници, За илустрација, во 2021 имало 252 илјади патници, а во 2001 имало 1,4 милиони. Безмалку две години не сообраќаат патнички возови кон Кичево и Кочани.

    Владимир Петков, претседател на клубот на љубители на железница, ја расчисти дилемата за фотографијата која со гордост се прикажува со децении, од пристигнувањето на првиот воз во Велес.

    „Тоа не е точно. Фотографија е направена во тој период, но не е од пристанувањето на првиот воз. На неа се гледа дека возот на Стар Мост доаѓа од север и е во правец кон Градско. Ако е така како што се зборува, дека е од Солун, локомотивата требаше да биде од југ“, вели Петков.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира