Општина Тетово денеска донесе одлука да се прекине наставата во тетовските основни и средни училишта бидејќи воздухот е многу загаден од пожарот што утрово изби во склад за градежен материјал на фирмата „Пофикс“ од Тетово.
„Секторот за јавни дејности на Општина Тетово донесе одлука да прекине наставата во училиштата, а учениците да не престојуваат на отворен простор туку да се упатат во своите домови. Исто така апелираме до сите граѓани денеска и утре да останат во своите домови и без некоја поголема потреба да не излегуваат надвор. Ние со пожарникарите сме на терен и тие работат на гаснењето на огнот. Побаравме помош и од Општина Гостивар од нивната противпожарна единица како и од Град Скопје. Тие се одзваа на нашиот повик и сега со заеднички сили работат на локализирање и гаснење на пожарот. Исто така од МВР е побарано да се испрати и хеликоптер кој би помогнал во гаснењето на пожарот. Од досегашните информации што ги имаме од тука на теренот, нема повредени лица само неколку кај кои има лесно задушување“, изјави Бесар Дурмиши, претседавач на Советот на Општина Тетово.
Пожарот избил изутринава околу 9.30 часот во складишниот простор на фабриката за градежни материјали на формата „Пофикс“ кои се наоѓаат во поранешните простории на „Македонија Табак“. Во складовите имало најмногу складиран стиропор кој како лесно запалива материја, придонел пожарот брзо да се шири и тешко да се гасне. Пожарникарите прават огромни напори да го локализираат пожарот за да не зафат и други делови од складовите и фабриката. Вработените од фабриката и волонтери, забрзано од другите складишта изнесуваат големи количини стиропор за да не дозволат и тој да се запали. Во гаснењето на пожарот се вклучи и еден хеликоптер.
Густиот и црн чад кој се издига од запалениот објект достигна височина од над еден километар и се проширува над целата површина од градот и може да се види од повеќе километри оддалеченост. Тетово полека паѓа во полумрак од густиот чад, па се препорачува граѓаните кога се движат низ градот да носат заштитни маски.
З. АНДОНОВ