ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ СТАВИ КАМЕН-ТЕМЕЛНИК ЗА ИЗГРАДБА НА ВЛЕЗОТ ВО БИТОЛА, НО ДОПРВА СЛЕДИ ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ПРИВАТНОТО ЗЕМЈИШТЕ

    ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ СТАВИ КАМЕН-ТЕМЕЛНИК ЗА ИЗГРАДБА НА ВЛЕЗОТ ВО БИТОЛА, НО ДОПРВА СЛЕДИ ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ПРИВАТНОТО ЗЕМЈИШТЕПремиерот Мицкоски на ставањето камен-темелник рече дека очекува „брзо да се заврши овој влез, со што ќе биде заокружена една целина“, но експропријацијата допрва следи. (Фото: Влада на РСМ)

    Приватни сопственици на земјиште кое е опфатено со трасата за изградба на нов булеварски влез за Битола побарале судски увид на лице место, за да обезбедат докази со цел да бидат обесштетени од Општината. Судскиот увид на лице место бил извршен на први август, или шест дена откако на 26 јули започнаа градежните зафати на влезот на кои камен-темелник стави и премиерот Христијан Мицкоски. Изградбата почна, а експропријација на дел од трасата допрва ќе следи.

    „Увидот на лице место од страна на судот беше направен во две постапки за обезедување на доказ, кои се однесуваат на утврдување на надоместок за експропријација на земјиште опфатено со трасата, а по предлог на приватни сопственици“, изјавија од Основниот суд во Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    При нашата посета на терен, на први август и повторно на 5 август, на местото кое е означено за реконструкција не затекнавме поголеми градежни зафати.

    Премиерот Мицкоски на ставањето камен-темелник рече дека очекува „брзо да се заврши овој влез, со што ќе биде заокружена една целина“ и најави дека „до крајот на оваа година и следната околу 14, 15 милиони евра ќе бидат инвестирани во проекти овдека во Битола, надвор од буџетот којшто го има самата Општина“.

    При нашата посета на терен, на први август и повторно на 5 август, на местото кое е означено за реконструкција не затекнавме поголеми градежни зафати. (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Битола на нашето прашање дали станува збор за недозавршена експропријација и како тоа ќе се решава откако почна реконструкцијата на патот, ни одговорија дека реализацијата се одвива фазно, согласно утврдената динамика во проектната документација. Во оваа фаза, велат дека се работи на изградба на атмосферска канализација, а паралелно Општината ги спроведува потребните правни процедури за обесшетување на сопствениците на земјиштетио на дел од трасата.

    Од Општина Битола велат дека пред почнувањето на работните активности на терен, завршени се потребните постапки за првата фаза од проектот – реконструкција со доградба на коловоз на дел од улица 8 Септември во Битола, од бензинската пумпа „Лукоил“ до границата на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Битола.

    „Во оваа фаза се работи на изградба на атмосферска канализација, а активностите во должина на трасата се одвиваат непречено. Паралелно, Општината ги спроведува потребните правни процедури со сопствениците на земјиште на дел од трасата, што поради јавен интерес е потребно да биде завршено за реализација на последната фаза од проектот, односно реконструкција со доградба на коловозот согласно деталниот урбанистички план. Во овој контекст и судскиот увид не е извршен на местото на кое беше поставен камен-темелник и каде што моментално се работи, туку на делот кој е поврзан со финализирање на проектот, после завршувањето на реконструкција на водоводна линија, мешовита канализација и изградбата на нова атмосферска канализација, до кога согласно законската регулатива ќе бидат комплетирани и правните постапки од последната фаза на проектот“, се вели во одговорот од Општина Битола.

    Според најавата, делницата ќе опфаќа не само нов коловоз туку комплетен булеварски влез со ширина од 27,5 метри, ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловози со пешачки и велосипедски патеки од 5,5 метри од по страните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира