Претседателката на Советот на Општина Битола Габрила Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку и денес не се појави на продолжениетo на 26. седница. Коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДОМ остварија кворум и седницата продолжи. Илиевска рече дека таа не закажала никакво продолжение на седница и дека Поинаку нема да учествува на незаконски седници. Таа побара од Државниот инспекторат за локална самоуправа вонреден инспекциски наздор за последните случувања во Советот. На продолжението не присуствуваше ни советнилката група на СДСМ со коалиционите партнери.
Илиевска на 20 април ја прекина седницата на Советoт поради потреба од дополнителни консултации за завршните сметки на јавните претпријатија од кои дел се во загуба, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ избраа друг претседавач само за оваа седница. По ова беше обезбеден кворум за седницата да продолжи, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги изгласаа завршните сметки на јавните претпријатија. Сепак, по усвојувањето на 65 од вкупно 88 точки од дневниот ред, седницата беше пак прекината поради немање кворум, откако замина советничката на ДУИ Мерита Исмајловска, а продолжението беше закажано за денеска. Илиевска во петокот на Фејсбук соопшти дека ја прекинала седницата согласно член 65 од деловникот за работа, бидејќи 11 колеги од СДСМ ја напуштиле истовремено. Пред таа да ја напушти седницата, си заминаа советниците од СДСМ несакајќи да учествуваат во расправа и гласање на завршни сметки на јавни претпријатија кои имаат загуби.
„Она што дополнително се случувало во салата на Советот немам намера да го коментирам, за истото ќе се произнесат надлежните институции. Денес од моја страна не е закажано никакво продолжение или пак нова седница. Кој, како и што работи внатре во салата на Советот во овој момент не знам. По добиената информација за одржување на седница, утринава како советничка група испративме дописи до градоначалникот и Општината дека Поинаку нема да присуствува на т.н. продолжение на 26-тата седница и немаме намера да учествуваме на незаконити седници, ни сега, ни во иднина“, соопшти денеска Илиевска.
Од опозиционата СДСМ велат дека не можат да учествуваат во лакрдија во која ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку се докажуваат меѓу себе.
„Јавните претпријатија се наоѓаат во катастрофална состојба и ние не сакаме да учествуваме во таква лакрдија на седница со 85 точки каде се обидуваат да се пазарат и да се докажуваат кој е поголемиот брат во Советот дали Поинаку или ВМРО-ДПМНЕ. Ние принципиелно ја напуштивме само оваа седницата. Не се работи за напуштање на Советот и за замрзнување на нашите функции“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денес изјавија дека постапуваат согласно челн 56 од деловникот и продолжението на седницата го водеше највозрасниот советник, Марица Тодоровска.
„Во моментот, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата брои 13 членови и сите оние останати советници кои му сакаат добро на градот треба да дојдат во советничките столчиња и да продолжат со аргументи да дебатираат за градот. Доколку некој не сака повеќе да биде советник слободно може да поднесе оставка и согласно законските прописи влегува следниот советник“, рече Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА