ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЛИЕВСКА ОД „ПОИНАКУ“ ЈА ПРЕКИНА СЕДНИЦАТА, СОВЕТНИЦИТЕ ИЗБРАА ДРУГ ПРЕТСЕДАВАЧ И ЈА ПРОДОЛЖИЈА

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЛИЕВСКА ОД „ПОИНАКУ“ ЈА ПРЕКИНА СЕДНИЦАТА, СОВЕТНИЦИТЕ ИЗБРАА ДРУГ ПРЕТСЕДАВАЧ И ЈА ПРОДОЛЖИЈАГабриела Илиевска е првата претседателка на битолскиот Совет која е од граѓанска листа; - од изборот на 15 ноември 2021. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска, која е од редовите на граѓанската инцијатива Поинаку со три советника, денес ја прекина седницата на Советoт, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ избраа друг претседавач само за оваа седница. По ова беше обезбеден кворум за седницата да продолжи, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги изгласаа завршните сметки на јавните претпријатија. Сепак, по усвојувањето на 65 од вкупно 88 точки од дневниот ред, седницата беше пак прекината поради немање кворум, откако замина советничката на ДУИ Мерита Исмајловска. Седницата ќе продолжи в понеделник.

    Илиевска на Фејсбук соопшти дека ја прекинала седницата согласно член 65 од деловникот за работа, бидејќи 11 колеги од СДСМ ја напуштиле истовремено. Пред таа да ја напушти седницата, си заминаа советниците од СДСМ несакајќи да учествуваат во расправа и гласање на завршни сметки на јавни претпријатија кои имаат загуби.

    „Како претседател на Советот сакав да ја утврдам причината за напуштањето и да направам дополнителни консултации преку одржување на координација со претставници од сите советнички групи, а сè со цел нормално функционирање на Советот и носење на легитимни одлуки за граѓаните на Битола. Но, очигледно договорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се посилни и побитни од битолчани“, соопшти Илиевска.

    Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменик-градоначалник Бојан Бојкоски рее дека „Бидејќи имаше прекин седницата, претседателката нè информираше дека ја прекинува седницата согласно член 65, поради дополнителни консултации кои и се потребни за поднесените материјали. Се повикавме на член 56 од Деловникот за работа на Советот, во случај на спреченост на претседателот седницата да ја продолжи најстариот член, односно да се донесе одлука за избор на претседавач на седницата“.

    По ова, Одделението за координација при Општина Битола соопшти дека не беа до крај исполнети условите за прекин на самата седница. Беше избран највозрасниот меѓу советниците, Марица Тодоровска од ВМРО-ДПМНЕ, која продолжи да преседава со оваа седница.

    Уште пред еден месец од Поинаку се пожалија дека проектите доцнат со реализација. Вчера Илиевска објави видеоматеријал дека донесени се сите потребни одлуки на Советот за прифатилиштето за бездомни животни, но дека решението е заглавено во процедурите на општинската администрација. Ден по ова, од Општината изјавија дека започнале работите на терен.

    „Уште на самиот почеток на мандатот ветивме дека во Советот на Општина Битола ќе работиме само и исклучиво за интересот на битолчани, Поинаку останува на ставот – интересот на граѓаните пред се, а моментално ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ не работат во таа насока. Поради ненавремено реализирање на проектите кои се во интерес на граѓаните, Поинаку не даде поддршка на точките кои се разгледуваа на комисиите кои се одржаа изминатите неколку денови. Свесни дека нема да ја добијат нашата поддршка за ни една од точките на денешната седница на Советот на Општина Битола, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уште еднаш ја докажаа меѓусебната соработка за личен интерес, а на штета на граѓаните“, соопшти денеска Илиевска.

    На 15 ноември 2021, Габриела Илиевска од Поинаку стана новиот претседавач на општинскиот Совет, со што Битола за првпат доби прв човек на оваа институција од редовите на независна граѓанска листа. Дотогаш претседавач на Советот беше најчесто носителот на листата од политичката коалиција која има освоено најголем број на советници, а тоа во случајот беше ВМРО-ДПМНЕ. Но, ситуацијата во Советот е невообичаена оти немаше чисто мнозинство, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица за претседател ја поддржаа Илиевска. Прашана дали Поинаку стапува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, таа тогаше рече дека од Поинаку не фаќаат страна туку дека ќе работат само во интерес на граѓаните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира