ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ УНИШТУВА КРАЈБРЕЖЈЕТО НА СТРУГА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО 3 ГОДИНИ НЕ ПОСТАПУВА ПО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА УЗУРПАЦИЈА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ

    ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ УНИШТУВА КРАЈБРЕЖЈЕТО НА СТРУГА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО 3 ГОДИНИ НЕ ПОСТАПУВА ПО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА УЗУРПАЦИЈА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕЗемјиштето на кое се одвиваат активностите е државно па граѓаните стравуваат дека ќе никне уште еден ресторан како во случајот со „Аполонија“. (Фото: СДК.МК)

    Крајбрежјето на Струга и понатака се уништува и узурпира. Во близина на изградениот угостителски објект „Аполонија“ на само 20 метри од Охридското езеро, продолжува тампонирањето на појасот со трска.

    Земјиштето на кое се одвиваат активностите е државно па граѓаните стравуваат дека ќе никне уште еден ресторан како во случајот со „Аполонија“, објект кој е изграден со решение за градење затворена спортска сала на крајбрежјето на Охридското Езеро каде нема детален урбанистички план (ДУП), а работи како угостителски објект за организирање свадбени прослави.

    Како граѓанин на Струга длабоко жалам додека пред мои очи се уништува трската и целата природа. Освен градежните активности на приватно земјиште, се узурпира и тампонира државно земјиште, веднаш до самото езеро. Покрај уништувањето на природата ми пречи и гласната музика до доцна во ноќта, локалот се наоѓа во самиот град непосредно до огромен комплекс од згради“, вели граѓанин на Струга кој преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК го пријави овој случај.

    Граѓанската иницијатива СОС Охрид доставила претставка до Државен инспекторат за животна средина и до соодветните општински инспекциски служби, веднаш да постапат и да се спречи понатамошното уништување на крајбрежјето, а против оние кои го сториле ова да има санкции.

    Државен инспекторат за животна средина по вонреден инспекциски увид на лице место заедно со овластените инспектори за животна средина од Општина Струга констатирале дека на брегот на Охридското Езеро од левата страна на пешачката патека која води до село Калишта има насипано земја во должина од околу 80 метри и ширина од 100 метри до брегот на езерото.

    При вонредниот надзор на лице место немаше изведба на градежни активности ниту присуство на одговорно лице на настанот, од увидот се изготвени и фотодокументација.

    Државниот инспекторат за животна средина за истата локација има доставено кривична пријава до ОЈО Струга за Познат сторител на 12.04.2021година за понатамошно постапување. Соглаано Законот за управување со светското природно и културно наследство во Oхридскиот Регион, Општините Охрид, Струга и Дебарца и нивните органи се одговорни за одржувањето, чување, почитување и правилното користење на природното и културното наследство. Општина Струга треба да превземе мерки за правилно користење на светското природно наследство што произлегуваат од Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион“, стои во известувањето од Државниот инспекторат за животна средина.

    Граѓаните реагираат дека ова не е единствената локација на брегот на езерото која се уништува. Велат дека се тампонира државно земјиште и на други места на потегот кон Калишта.

    Често гледаме механизација, се носи земја и никој не реагира. Нема санкции, никој не ги стопира активностите. Институциите се корумпирани и затоа ништо не превземаат“, велат тие.

    С.ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира