ПРОЕКТОТ ЗА ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ГОТОВ ВО ЈУНИ, УЛИЦАТА МАКЕДОНСКО-КОСОВСКА БРИГАДА ЌЕ СТАНЕ БУЛЕВАР СО 6 ЛЕНТИ, НАЈАВУВААТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ПРОЕКТОТ ЗА ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ГОТОВ ВО ЈУНИ, УЛИЦАТА МАКЕДОНСКО-КОСОВСКА БРИГАДА ЌЕ СТАНЕ БУЛЕВАР СО 6 ЛЕНТИ, НАЈАВУВААТ ОД ГРАД СКОПЈЕИако има доцнење во проектирањето, градоначалникот Петре Шилегов верува дека годинава може да се почне со градежните работи за изведба на овој капитален проект за градот. Пари за негова реализација ќе бара од Владата бидејќи според проценките ќе бидат потребни 30 милиони евра.-Дел од трасата за проектот тунели под Кале.(Фото: К.Попов)

    Проектот за тунелите под Кале ќе биде готов во јуни, по што ќе се распише тендерот за избор на фирма која ќе ја гради новата сообраќајница во Скопје. На потпишувањето на договорот за проектирање меѓу Град Скопје и македонско-турскиот конзорциум, во јуни минатата  година беше кажано дека проектот треба да биде готов за 6 месеци. Но, поради тоа што станува збор за голем и сложен проект, рокот е продолжен за дополнителни 6 месеци.

    Иако има доцнење во проектирањето, градоначалникот Петре Шилегов верува дека годинава може да се почне со градежните работи за изведба на овој капитален проект за градот. Пари за негова реализација ќе бара од Владата бидејќи според проценките ќе бидат потребни 30 милиони евра.

    „Додека траат постапките за тунелите под Кале, работиме и на проектот за проширување на улицата Македонско-косовска бригада на потегот од крстосницата со булевар Словенија до улицата Џон Кенеди во Чаир, како прва фаза. Проектот е готов, наскоро ќе го распишеме тендерот за изведувач на градежните работи. Сега на овој потег има по една коловозна лента во двата правци, а со реконструкцијата ќе се добијат вкупно 6 коловозни ленти. Оваа  делница е важна бидејќи со неа треба да се поврзе новата сообраќајница која ќе биде изведена со проектот тунелите под Кале“, вели Шилегов.

    Проектот  Тунели под Кале, кој е зацртан во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година, градоначалникот Шилегов го најави на прес-конференција во септември 2019 година. Како што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарска улица.

    Проектот за оваа сообраќајница ја прават турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ и Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје. На потпишувањето на договорот лани во јуни, проектантот Борис Танески од Заводот за испитување на материјали, кој ги проектирал булеварите Илинденска и Климент Охридски, рече дека оваа сообраќајница ќе биде бисер на градот.

    „Свесни сме дека ќе биде скап, тежок и сложен проект, но ќе биде од големо значење за градот, растеретување на сообраќајот и поврзување на двете страни на Скопје. Кога ќе го проектираме мостот ќе се водиме од тоа тој да не биде обичен, туку со посебен и модерен изглед“ “, рече Танески.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира